Висок ирански функционер во вторникот најави дека Иран би можел да ја напушти Спогодбата за неширење на нуклеарното оружје (NPT), доколку американскиот претседател Доналд Трамп ги повлече САД од нуклеарниот договор кој Техеран во 2015 година го потпиша со шесте светски сили.
Американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека, доколку неговите европски сојузници до 12-ти мај „не го поправат“ она што тој го нарекува „огромен пропуст“ во договорот со Иран, ќе ги врати на сила американските економски санкции за оваа блискоисточна држава, што би претставувало голем удар за овој договор.
Другите светски сили коишто го потпишаа нуклеарниот договор: Русија, Кина, Германија, Велика Британија и Франција, исткнаа дека сакаат да го задржат договорот со кој Иран ја ограничи својата нуклеарна програма особено во збогатувањето ураниум до ниво од коешто е лесно да се произведе нуклеарно оружје во замена за децениските меѓународни санкции.
Скретарот на иранскиот Врховен народен комитет за безбедност, Али Шамкани, на прес-конференција во Техеран, истакна дека иранската Организација за атомска енергија е подготвена на „изненадувачки акции“ доколку пропадне договорот со светските сили. Одговарајќи на прашање за можноста Иран да се повлече од NPT, Шамкани откри дека тоа е „една од трите опции кои се разгледуваат“.
Целта на Спогодбата за неширење на нуклеарното оружје (NPT), којашто стапи на сила во 1970 година, е запирање на ширењето на способноста за производство на нуклеарно оружје. Со него петте нуклеарни сили: САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција, се обврзаа дека ќе ги намалат своите нуклеарни арсенали. Иран, пак, остана држава којашто не поседува нуклеарно оружје, најверојтно токму поради овој договор. Но официјален Техеран постојано истакнуваше дека нема намера да произведе нуклеарно оружје и оти збогатувањето на ураниум и големиот број постројки се во медицински и научни цели.
Трамп во вторникот доби предупредување и од иранскиот претседател Хасан Рохани, кој му порача да го задржи нуклеарниот договор или дека ќе понесе „сериозни последици“.
„Им порачувам на оние во Белата куќа дека доколку не се придржуваат до своите обврски…. дека иранската влада силно ќе реагира. Доколку некој го предаде договорот, мора да знае дека ќе се соочи со сериозни поседици. Иран е подготвен на сите можни ситуации“, изјави во вторникот иранскиот претседател Рохани во својот говор пред илјадници луѓе во градот Табриз.
Иран најави дека доколку пропадне договорот, ќе ја зајакне својата нуклеарна програма. Францускиот претседател Емануел Макрон престојува во посета на Вашингтон во обид да го наговори Трамп да се откаже од ваквиот развој на настаните. Русија и Кина на конференцијата за неширење на нуклеарното оружје во Женева објавија соопштение во коешто изразија „цврста поддршка“ на договорот.