Иран го претстави својот прв хиперсоничен балистички проектил

Иран во вторникот го претстави проектилот за кој функционерите велат дека е првата домашна хиперсонична балистичка ракета, извести службената новинска агенција IRNA, што веројатно дополнително ќе ги загрижи САД и нивните сојузници во врска со ракетните способности на Техеран.

Иранските медиуми објавија фотографии од проектилот наречен „Фатах“ на церемонија на којашто присуствувале претседателот Ебрахим Раиси и командантите на елитната Револуционерна гарда.

Хеперсоничните ракети може да летаат најмалку пет пати побрзи од брзината на звукот и со сложена неправилна траекторија, што ги прави тешки за пресретнување. Досега Русија и Кина потврдено поседуваат ваков вид вооружување, Северна Кореја тврди дека развила надзвучен проектил а САД неколку години се во фаза на развој.

Мината година Иран соопшти дека развила хиперсонична балистичка ракета, која може да маневрира во и надвор од атмосферата.

Иранската државна телевизија објави дека иранскиот проектил „Фатах“ може да погоди „непријателски напредни противракетни системи и дека претставува голем генерациски скок во областа на проектилите“.

„Може да ги заобиколи најнапредните противалистички ракетни системи на Соединетите држави и на ционистичкиот режим, вклучително и (израелската) Челична купола“, се наведува во прилог на телевизијата.

Според прилогот, најголемата брзина која ја достигнала ракетата „Фатах“ е нивото од 14 маха, односни 15.000 километри на час.

И покрај заканите и притисоците на САД и нивните западноевропски сојузници, Иран порача дека и натаму ќе ја развива својата програм на одбранбени и проектили чија цел е да го воздржат потенцијалниот непријател од агресија кој земјата. Меѓутоа, западните аналитичари забележуваат дека Техеран често ги преувеличува своите ракетни способности.

Загриженоста околу иранските балистички проектили беше изговор за одлуката на поранешниот американски претседател Доналд Трамп во 2018 година еднострано да ги повлече САД од нуклеарниот договор кој Техеран го склучи во 2015-та со шесте светски сили, вклучително и ЕУ. Трамп тогаш бараше склучување нов договор кој ќе ја ограничи и иранската ракетна програма, што Техеран категорички го одбива.