Иран и Хезболах подготвуваат удари на воени цели на САД

Иран подгвотвува напад врз американски воени цели, како одговор на атентатот во кој беше убиен командантот на иранските специјални сили Ал Кудс на елитниот Корупс на гардата на исламската револуција, генералот Касем Сулејмани, изјави во интервју за американската телевизија CNN, Хосеин Деган, воен советник на иранскиот врховен водач ајатолахот Aли Хамнеи.

„Војната ја започна Америка. Затоа тие мора да бидат подготвени на целосна реакција на нивните постапки. Единственото нешто коешто може да стави крај на овој период од војната е Американците да претрпат удар подеднаков на оној кој тие го нанесоа“, го цитира CNN Деган преведувајќи го на англиски јазик.

„Одговорот, несомнено, ќе биде воен и ќе биде насочен против воени цели“, истакнал советникот на иранскиот челник. Истовремено, Доган истакнува дека иранските водачи „никогаш не се стремеле и нема да се стремат кон војна“.

Притоа Деган истакнува дека одмазничкиот удар ќе биде нанесен токму од страна иранските вооружени сили, а не од разните паравоени групации кои се сојузници на Техеран во регионот.

Воениот советнк на ајатолахот Хамнеи, исто така, одговара и на заканата од американскиот претседател Доналд Трамп за напади врз 52 објекти во Иран. „Доколку тој зборува за 52 (цели), ние зборуваме за 300, и можеме да ги достигнеме“, рече Деган.

Во недалата и челникот на регионалниот ирански сојузник, либанското шиитско движење Хезболах, Хасан Насралах, порача дека американските сили на Блискиот исток ќе „платат за убиството“ на иранскиот генерал Касем Сулејмани и оцени дека тоа е „праведна цена“ за неговата ликвидација.

Насралах во говорот по повод смртта на Сулејмани, кој беше пренесуван на телевизијата, рече дека одговорот на убиството на иранскиот генерал не е само одговорност на Иран, туку и на сите негови сојузници во регионот.

Челникот на либански Хезболах притоа порача дека не смее да бидат засегнувани или напаѓани американските цивили во регионот, бидејќи тоа само би одело во прилог на планот на американскиот претседател Трамп.

Касем Сулејмани, највлијателниот ирански воен командант, беше убиен во петокот во Багдад заедно со командантот на доброволечките ирачки шиитски формации Абу Махди ал-Михандис, во американски напад. Сулејман се сметаше за главен архитект на иранските воени операции и тајни мисии во регионот како командант на специјалните сили Ал Кудс.

Неговата егзекуција, како и наизменичните меѓусебни ракетирања од страна на ирачките паравоени сили и од страна на американските сили и ја зголеми опасноста од директен воен судир во Ирак и пошироко на Блискиот исток.