Иран инсистира на гаранции од САД за заживување на нуклеарниот договор од 2015-та

Иранскиот претседател Енрахим Раиси во средата во Њујорк пркосно на САД им порача дека треба да дадат гаранции дека нема повторно да се повлекуваат од нуклеарниот договор постигнат меѓу Техеран и шесте светски сили во Виена во 2015-та, и ги осуди двојните стандарди на западните земји по смртта на 22-годишната Иранка која почина во притвор минатата седмица приведена поради несоодветно облекување.

САД еднострано се повлекоа од иранскиот договор во мај 2018 година и го вратија децениските санкции против Иран, барајќи нов договор во кој ќе биде опфатена и иранската ракетна програма. Потоа Техеран, откако европските потписнички на договорот – Велика Британија, Германија и Франција не можеа да гарантираат заштита од американските санкции на иранската економија и ги повлекоа своите големи инвестиции од земјата, започна со постепено суспендирање на одредени свои обврски од договорот. Во прв ред тоа се однесување на нивото и количеството на збогатениот ураниум, што ги предизвика стравувањата дека Иран многу набрзо може да дојде до нивото од кое е лесно да се произведе никлеарно оружје. Новата администрација во Вашингтон покажува амбиции да се обнови договорот, а по откажувањето на дополнување на договорот порача дека не може да даде гаранции за тоа дека идните влади на САД нема да го напуштат договорот.

Раиси, држејќи ја во раката фотографијата на генералот Касем Солејмани, командант на иранските специјални сили Кудс, рече дека Техеран сака поранешниот американски претседател Доналд Трамп да се соочи со судење поради наредбата да за неговата ликвидација со беспилотно летало на меѓународниот аеродром во ирачката престолнина Багдад во 2020 година.

„Знаеме какво е искуството од повлекувањето на Америка од договорот. Со таквото искуство и оваа перспектива, можеме ли да ги пренабрегнеме важното прашање за гаранциите за траен договор?!“, изјави Раиси на Генералното собрание на Обединетите нации.

Раиси реплицираше и на критиките за смртта на 22-годишната Махса Амни, која во Техеран беше уапсена од моралната полиција поради непочитување на правилото за носење хиџаб во јавноста. Според полицијата, девојката паднала во кома додека чекала со други приведени жени, но подоцна починала во болница. Нејзината смрт поттикна протести во Исламската Република, како што објавија на западот поради „тлеечкото“ незадоволство за личните слободи и поради економската ситуации поради санкциите.

„Исламската Република Иран отфрла некои од двојните стандарди на некои влади кога станува збор за човековите права. Сѐ додека постојат тие двојни стандарди, што значи дека вниманието е насочено само на една страна а не на сите подеднакво, нема да имаме вистинска правда и чесност“, рече Раиси.

„Човековите права им припаѓаат на сите, но, за жал, многу влади ги газат“, додаде иранскиот претседател алудирајќи на илјадниците неозначени гробови на староседелците во Канада, на патењето на Палестинците на Блискиот исток и сликите од децата на мигрантите кои САД ги држат одделени од родителите во кафези.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.