Иран: Нафтата од танкерот „Адријан Дарја 1“ продадена на приватна компанија – санкциите кон Сирија не се прекршени

Иранскиот амбасадор во Лондон, Хамид Баединед, денеска изјави дека товарот на нафтениот танкер „Адрикан Дарја 1“ е продаден на приватна компанија и со тоа Техеран на никаков начин не ги прекршил санкциите што Европската унија и ги наметна на Сирија, пренесоа британските медиуми.

„За време на мојата средба со британскиот министер за надворешни работи беше подвлечено дека активностите на британските власти против танкерот што превезуваше иранска нафта беа прекршување на меѓународното право“, напиша амбасадорот Баединед на Твитер, откако беше повикан во британскиот Форин офис.

„Санкциите на ЕУ не можат да бидат префрлени врз трети земји. И покрај многубројните закани од САД танкерот ја продаде својата нафта на приватна компанија и не прекрши никакви обврски“, додаде тој.

Велика Британија претходно го обвини Техеран дека танкерот „Адријан Дарја“, што беше задржан и ослободен од британските власти во Гибралтар, нафтата ја продавал во Сирија, што е прекршување на санкциите наметнати врз Дамаск од страна на ЕУ.