Иран објави снимка од преговори со британски воен брод за „Стена Имперо“

EPA-EFE/ABEDIN TAHERKENAREH

Иранската Револуционерна гарда денеска објави видео и аудио снимка на која се слуша како припадник на овие сили предупредува британски воен брод да се не меша, додека иранските сили го заземаат британскиот танкер „Стена Имперо“ додека пловел во Ормутскиот Теснец.

На снимката од две минути се слуша како припадник на иранските сили вели: „Наложено ви е да не се мешате во мојата операција“ и повторува: „Наложено ви е да не се мешате во ова прашање“.

Следува одговор од британскиот воен брод Фокстрот 236, чиј офицер вели дека е во близина на меѓународно признат премин со трговски брод кој е во транзит.

– Не ги загрозувајте своите животи, предупредува иранскиот војник и додава дека трговскиот брод е под иранска контрола.

Иранските власти тврдат дека бродот „Стена Имперо“ беше запленет на 19 јули затоа што прекршил меѓународни поморски правила и пловел по погрешни канали, како и дека тоа е одговор на улогата на Британија во заплената на иранскиот танкер кај Гибралтар.