
Политичкото шоу на украинскиот претседател Володомир Зеленски е насочени против иранскиот народ и е во прилог на неговите намери да стори сѐ за да добие уште повеќе западно оружје, реагираше во неделата портпаролот на иранското министерство за надворешни работи Насер Канани.
Агенцијата ISNA, која го цитира портпаролот на иранската дипломатија, потсетува дека украинскиот претседател ги повика Иранците да престанат да ја поддржуваат Русија, бидејќи тоа наводно ќе довело до уште поголема изолација на нивната земја.
„Повторувањето на лажните тврдења од страна на претседателот на Украина против Исламската Република Иран е во согласност со пропадната и медиумска војна на антииранската оска против владата и народот на Иран и се прави со цел да се добие што повеќе оружје и финансиска помош од западните земји“, изјавил Канани.
Иранскиот дипломат, исто така, оценил дека изјавата на Зеленски е во рамките на неговото „политичко шоу“ со цел да го сврти вниманието на украинското општество со „неосновани и бескорисни“ тврдења против иранскиот народ.
Претходно седмицава челникот на военото разузнавање на Украина, Кирил Буданов, му упати закани на Техеран, велејќи дека Киев теоретски би можел да изведе воена операција во Иран за уништување на производството на беспилотни летала.
Имено, Западот и Украина тврдат дека Русија во своите воени дејствија во Украина употребува наводно ирански дронови кои ги добил по почетокот на инвазијата, додека Техеран ги отфрли таквите тврдења и потврди дека помала пратка дронови испорачал повеќе месеци пред почетокот на руската инвазија.
Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, повтори дека темата за наводно купување борбени дронови од Иран е вештачки фабрикувана во американските медиуми. Шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, изјави дека западните тврдења за наводните испораки на ирански беспилотни летала никогаш не биле потврдени со докази.
Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.