Иран подготвен за размена на затвореници со САД

Иран е подготвен на размена на затвореници со САД „без предуслови“, соопштија иранските власти во неделата, посочувајќи дека сега на потег е Вашингтон.

Исламската Република уште во декември минатата година соопшти дека е подготвена и на други размени на затвореници со САД, откако беше заменет Американец осуден во Иран за Иранец во американски затвор.

„Постои подготвеност за размена на сите затвореници (…) без предуслови, но американста влада досега не сакаше да одговори. Се чини дека Америка сега е поподготвена отколку претходно… Вашингтон е известен за нашата расположеност“, изјави Али Рабии, портпаролот на иранската влада, пренесува агенцијата Isna.

Притоа Рабии изразил загриженост за здравствената состојба на иранските затвореници во САД, тврдејќи дека со нив „не се постапува добро“.

Одговарајќи на прашање за коментар на агенцијата AFP, американскиот Стејт департмент ниту потврдил, ниту демантирал дека во моментов би се разговарало за затворениците на двете страни.

„Чувствителните дипломатски разговори не ги водиме преку медиуми. САД се решителни во намерата да ги вратат дома сите Американци кои неправедно се затворени во странство“, изјавила портпаролката на американската дипломатија, Морган Ортагус.

Во март, додека епидемијата на коронавирусот беше во подем во Иран, Вашингтон го повика Техеран да ги ослободи сите американски затвореници. Иран возврати со барање САД да го сторат истото со иранските затвореници.

Иранските власти од март во повеќе наврати привремено ослободи повеќе од 100.000 затвореници поради епидемијата на коронавирусот. Техеран на 19-ти март привремено го ослободил ветеранот на американската воена морнарица Мајкл Вити, потврди американскиот Стејте департмент.

Во иранските затвори се наоѓаат и неколку иранско-американски државјани, како претприемачот Сиамак Намази, неговиот татко Багер Намази и наводниот еколошки активист Морад Табаз.

САД и Иран се во крајно затегнати односи веќе четири децении, а тие почнаа да ескалираат од 9-ти мај 2018 година кога Вашингтон еднострано се повлече од нуклеарниот договор кој Техеран три години претходно го склучи со шесте светски сили, по што беа воведени повторно децениските строги антиирански санкции. Во јануари годинава

Ситуацијата меѓу двете земји на почетокот од годинава ескалираше до работ на отворен воен судир откако ноќта кон 3-ти јануари, САД изведоа воздушен удар крај меѓународниот аеродром во Багдад, во кој беа убиени командантот на иранските специјални сили, генералот Касем Сулејмани и заменик-командантот на ирачката шиитска милиција, Абу Махди ал-Мухандис, кои Вашингтон ги смета за клучни личности вклучени во организацијата на протестите и обидот за упад во американската амбасада во Багдад на 31-ви декември.

Убиството на генералот Сулејмани ја ескалираше кризата меѓу САД и Иран. Техеран изведе ракетни напади врз две ирачки бази во кои се сместени американски војници, и по кои не се пријавени жртви. Вашингтон, пак, одговорија со дополнителни санкции против Иран, со кои се опфатени 17 рударски и металуршки компании, како и странски транспортни средства вклучени во испораките на нивните производи, како и за осум високи ирански функционери.