Иран решително ќе одговори на секоја американска закана

Иран решително ќе одговори на каква и да е американска закана и секој истрел во Иран ќе ги изгори американските интереси, порачаа иранските функционери во саботата во период кога растата тензиите меѓу Вашингтон и Техеран поради уривањето на американското беспилотно шпионско летало.

Ирански проектил во четвртокот утрото собори американско беспилотно летало од типот „RQ-4 Global Hawk“ вредно 130 милиони долари. И додека Техеран покажувајќи остатоци за кои вели дека се од американскиот дрон тврди дека леталото било соборено во иранскиот воздушен простор, Вашингтон е упорен во тврдењето дека тоа било погодено во меѓународниот воздушен простор.

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави во петокот дека во последен момент ја отповикал наредбата за воен напад врз неколку ирански цели за да го казни Техеран, бидејќи притоа било проценето дека ќе загина 150 луѓе што го смета за „несразмерно“ во однос на соборувањето на дронот, и истакна дека е отворен за преговори. Иран, пак, од своја страна и во саботата порача дека е подготвен да ги брани своите граници.

„Каква одлука и да донесат (американските функционери)… нема да дозволиме нарушување на иранските граници. Иран решително ќе се спротистави на секаква агресија и закана од Америка“, изјавил портпаролот на иранското министерство за надворешни работи, пренесува полуслужбената иранска новинска агенција Tasnim.

„Секоја грешка ма иранските непријатели, особено на Америка и нејзините регионални сојузници, би претстаувал истрел во буре барут што ќе ги изгори Америка, нејзините интереси и сојузници до темелите“, предупредил портпаролот на иранските вооружени сили, Абдолфази Шекарчи во разговорот за Tasnim во саботата.

Иранската организација за цивилен воздухопловен сообраќај објави во саботата дека иранскиот воздушен простор е безбеден за летање, откако американски, европски и австралиски воздухопловни компани ги сопреа прелетите на комерцијалните летови над Иран. „Воздухопловниот простор кој го контролира Иран над Персискиот залив и другите воздушни рути се сосема безбедни“, рекол портпаролот на организацијата.