Иран уште ќе ги намали своите обврски од договорот, САД не сакаат војна

Иран во понеделник ќе објави кои дополнителни свои обврски од меѓународниот преговор за неговата нуклеарна програма со шесте светски сили од 2015 година ќе престане да ги спроведува поради тоа што САД еднострано во мај 2018-та година се повлекоа од него, а истовремено американскиот државен секретар Мајк Помпео рече дека Иран „несомнено“ е одговорен за минатонеделните напади врз два танкера, но дека САД не сакаат војна со Техеран.

„Иранската организација за атомска енергија (AEOI) утре во постројката за тешка вода во Арак ќе објави кои чекори ги преземала за намалување на обврските на Техеран од договорот“, пренесува иранската агенција Tasnim без да ги наведе изворите. Организацијата ќе најави натамошно зголемување на резервите на збогатен ураниум и производство на тешка во вода во Арак, додава агенцијата.

Иран во мај, точно една година откако од споменатиот договор истапија САД и на Техеран му наметнаа нови санкции, најави дека ќе започне со збогатување на ураниумот доколку другите земји потписнички во рок од 60 дена не ја заштитат иранската економија од американските санкции. Иранскиот претседател Хасан Роухани во петокот повтори дека Иран нема да ги исполнува обврските од нуклеарниот договор, доколку другите потписнички: Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина не покажат „позитивни сигнали“.

Тензиите меѓу САД и Иран достигнаа кулминација откако Вашингтон го обвини Техеран дека во четвртокот извел напади врз два танекра во Оманскиот залив. Иранската страна, пак, отфрла секаква одговорност за двата инцидента во кои избувна пожар врз нафтените танекери во јапонска и норвешка сопственост.

„Претседателот Трамп стори сѐ за да се избегне војна. Ние не сакаме војна“, порача во неделата шефот на американската дипломатија во разговорот за телевизијата Fox News.

Меѓутоа, истакна дека Вашингтон го гарантира слободното пловење по важните поморски правци. „САД ќе ги преземат сите неопходни мерки, дипломатски и други, за да се постигне тоа“, порача Помпео.

„Разузнавачките служби имаат многу податоци, многу докази. Повеќето од нив ќе му ги покажеме на светот“, рече Помпео кој на челното место во дипломатијата на САД дојде од позицијата прв човек на Централната разузнавачка агенција (CIA).

Додаде дека не сака да зборува за идните потези коишто ќе ги презема Вашингтон.

„Иран нема да има нуклеарно оружје. Тоа е целта… Вчера имав телефонски разговори со многу колеги во светот. Убеден сум дека ќе има партнери кои ја разбираат оваа закана“, одговори Помпео одговарајќи на прашањето дали САД ќе испратат уште војници и вооружување во регионот на Блискиот исток.