Иран заплени странски брод со „шверцувано гориво“ во Персискиот Залив

Иранската револуционерна гарда заплени „странски брод“ и вели дека „шверцувал“ еден милион барели гориво, објавија иранските медиуми. Техеран веќе е во спор со Лондон поради запленет танкер.

Бродот бил пресретнат од Исламската револуционерна гарда (ИРГ) во близина на островот Ларак во Ормускиот Теснец кај иранското крајбрежје, тесното грло на поморскиот сообраќај од Персискиот Залив.

Според соопштението објавено на иранската државна телевизија, бродот бил запленет на 14 јули. ИРГ не дава детали за сопственоста на бродот.

Бродот за кој станува збор може да е МТ „Рија“ со панамски ознаки, во сопственост на ОАЕ, кој исчезна минатата недела додека минуваше низ теснецот и се претпоставуваше дека е запленет од ИРГ. Техеран претходно инсистираше дека бродот имал технички дефект и бил довлечкан во иранските води заради поправки.

Британските власти претходно запленија супертанкер што носел иранска сурова нафта низ Гибралтарскиот Теснец, тврдејќи дека неговиот товар е наменет за Сирија и затоа подлежи на санкциите од ЕУ кон иранскиот сојузник. Техеран го спореди запленувањето со чин на пиратство и побара ослободување на бродот, „Грејс 1“ со панамски ознаки.

Иран ја обвини Велика Британија дека дејствува од името на Вашингтон и им помага на САД да го задушат извозот на нафта на Исламската Република.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.