Ирански командант: Нападите ќе продолжат додека САД не заминат од регионот

Командантот на воздухопловните сили на иранската Револуционерна гарда, Амир Али Хајизадех изјави дека ракетните напади врз американски цели на Блискиот исток ќе продолжат се додека американските трупи не заминат од регионот.

Тој додаде дека иранските ракетни напади врз базите во Ирак имаат за цел да ги уништат воените објекти, а не да предизвикаат голем број жртви, што претставува „соодветна одмазда“ за убиството на генералот Касим Сулејмани од страна на САД.

Али Хајизадех ја даде својата изјава откако американскиот претседател Доналд Трамп вчера истакна дека „Иран веројатно е подготвен да се повлече“.

Претходно денеска, високиот командир на иранската Револуционерна гарда, Абдола Араги предупреди дека наскоро ќе следува „посурова одмазда“ од иранските ракетни напади врз американски воени цели во Ирак, кои се извршени како одговор на минатонеделното убиство на генералот Касим Сулејмани од страна на САД.

Исто така и заменик командантот на иранските гардисти Али Фадави наведе дека иранските ракетни напади против американски цели претставувале демонстрација на иранската воена моќ.

Иранскиот амбасадор во ОН, Маџид Тахт Раванчи го отфрли како „безмилосен“ повикот на Трамп за соработка со Иран, имајќи ги предвид американските санкции против техеран. Иранскиот амбасадор изјави дека Вашингтон со убиството на Сулејмани на 3 јануари поттикнал нова ескалација на непријателството кон Иран.