Иранскот претседател Раиси го осуди „геноцидот“ во Газа

Иранскиот претседател Ебрахим Раиси го обвини во четвртокот Западот дека го поддржува израелскиот „геноцид“ над Палестинците во Појасот Газа, на почетокот од разговорите со рускиот претседател Владимир Путин во Москва.

Во низата состаноци со челниците од Блискиот исток посветени на запалливата ситуација во регионот со почетокот на војната меѓу Израел и палестинското движење Хамас, Путин во Кремљ ги прими Раиси ден откако престојуваше во Обдинетите Арапски Емирати и во Саудиска Арабија каде што разговараше за војните во Појасот Газа и во Украина, како и за цените на нафтата на светските пазари.

На почетокот од средбата Путин изјави дека е многу важно да се разговара за ситуацијата на Блискиот исток, особено на палестинсите територии, според извештаите на руските медиуми. Раиси преку преведувач на тоа одговорил „Ова што се случува во Палестина и во Појасот Газа секако е геноцид и злосторство против човечноста“.

Израел ги отфрла сите обвинувања за напади врз цивили, и покрај 16-те илјади жртви во Газа од кои речиси повеќе од половината се деца и жени, за што е обвинуван и од некои западни сојузници, тврдејќи дека негова цел е Хамас и неговите утврдувања, а не цивилите.

Шиитски Иран, кој во историјата нема многу пријателски односи со сунитското исламистичко движење Хамас кое е блиско со панарапското движење Мислимански браќа, ѝ дава декларативна поддршка на споменатата палестинска групација која владее со Појасот Газа во актуелната војна против Израел.

Русија, пак, има односи и редовни комуникации со сите клучни играчи на Блискиот исток, вклучително и со политичкото крило на Хамас и со Израел, кој остро реагираше на посетата на палестинската делегација на Москва во октомври набрзо по почнувањето на судирот. Според некои аналитичари, војната во Газа ѝ помогнала на Русија да го сврти вниманието на светот од војната во Украина и ѝ овозможува на Москва да искаже солидиарност со Палестинците и да се приближи на земјите од регионот.

Западот обвинува дека наводно Иран ѝ овозможува на Русија да дојде до дополнителни оружја за војната во Украина, тврдејќи дека користи илјадници ирански дронови, но досега не понуди докази за тоа, освен укажувајќи на некои сличности со руските беспилотни летала. Од Кремљ во ноември повторија дека Русија и Иран долги години развиваат блиски односи „вклучително и во областа на воено-техничката соработка“, но не сметаа дека треба повторно да ги коментираат алузиите на Вашгингтон дека Иран „би можел на Русија да ѝ даде балистички проектили“, за што претходно ја обвинуваа Северна Кореја со чиј челник Ким Џонг-ун, Путин се сретна во септември на рускиот Далечен исток.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.