Ирска на пат да го ублажи законот за абортус

Ирска е на патот да го ублажи еден од најрестриктивните закони за абортус на светот откако излезните анкети укажуваат на голема победа на поборниците на либерализацијата на референдумот одржан во петокот.

Откако во саботата започна пребројувањето на гласовите на референдумот, претставниците на кампањата против либерализацијата LoveBoth признаа дека нема големи шанси да се задржи уставната забрана за абортусот воведен во 1983 година.

Ирските медиуми на насловните страници објавуваат дека на референдумот победиле поборниците „за“ ублажување на законот, а најтиражниот дневен весник The Irish Independent наведува дека се случил „пресуден момент во општествената историја на земјата“.

Излезните анкети покажуваат дека повеќе од две третини Ирци се изјасниле за ублажување на рестриктивниот закон за прекин на бременоста. Според накетата спроведена за весникот The Irish Times, за ублажување на законот се изјасниле 68 отсто од излезените гласачи, а според анкетата спроведена за јавниот телевизиски сервис RTE, ги има 69 отсто.

Право на глас имаа околу 3,2 милиони избирачи, а пребројувањето започна во 9 часот претпладнето во саботата. Официјалните резултати се очекуваат во саботата доцна попладнето. Анеките ги спроведоа агенциите Ipsos/MRBI и Behaviour & Attitudes. Првата за The Irish Times анкетирала над 4.500 избирачи на 160 гласачки места низ цела Ирска, со процена на можната грешка од 1,5 отсто.

Анкетите објавени пред изборите, на весниците The Sunday Business Post и The Sunday Times, предвидуваа дека веројатно но тесно, со 55 до 57 отсто, ќе победи опцијата за либерализација на абортусот.

Историскиот референдум предизвика силни емоции кај заговорниците и кај противниците на ублажувањето на законот и ја подели традиционално католичка Ирска. Ирските граѓани всушност се изјаснуваа за 8-от амандман од Уставот, воведен во 1983 година, со кој абортусот беше целосно забранет сѐ додека во 2013 година не беше воведен исклучокот за мајките на коишто со бременоста им се загрозува животот. Без разлика на тоа, ирскиот закон за абортусот е најстрогиот во Европа и не познава исклучоци ниту во случаите на инцест, силување или малформација на плодот.

Секоја година илјадници Ирки кои сакаат да абортираат патуваат во странство, главно во Велика Британија, за да го сторат тоа.

Организацијата на референдумот предизборно ја вети премиерот Лео Варадкар кој дојде на власт во јуни 2017 година. „За мене тоа е едно големо ‘да’“, напиша на Twitter откако гласаше во Даблин. Варадкар, кој се залага за либерализација на строгите прописи за абортусот, ги поттикнуваше гласачите да излезат, велејќи дека високиот одѕив ќе оди во прилог на ублажувањето на законот.

Челничката на опозицискиот Шин Фејн, Мери Лоу Мекдоналд, по гласањето во Даблин изјави дека референдумот е „судбоносен датум за сите нас“.