Ирска отвори две истраги против Фејсбук

Ирската служба за заштита на податоци на корисниците (ДПЦ) денеска покрена две истраги против Фејсбук, откако изрази загриженост поради управувањето со оваа социјална мрежа со лични податоци на децата на Инстаграм.

Инстаграм е социјална мрежа во сопственост на Фејсбук, а како што пренесуваат агенциите, спорни се податоците за е-пошта и телефонските броеви на корисници на возраст под 18 години, кои и се достапни на јавноста.

ДПЦ, главниот правен заштитник на ЕУ за интернет-податоци, добил поплаки од поединци и изразил „потенцијална загриженост“ за ракување со податоците на малолетници на Инстаграм, изјави заменикот на службата, Грем Дојл.

Ирскиот заштитник започна истрага по жалбата на Дејвид Стајер, американски научник, наведува британски Телеграф.

Истрагата ќе утврди дали Фејсбук има законско право да управува со податоците и дали обезбедува соодветна заштита на своите корисници на Инстаграм.

– Оваа истрага се однесува и на тоа дали Фејсбук ги почитува своите правила за контрола на податоците кога станува збор за малолетници, рече Дојл.

Ирска е центар на многу американски технолошки компании, па затоа ДПЦ стана главен заштитник на Европската унија во областа на социјалните мрежи.

Новите правила му овозможуваат на заштитникот на корисникот да наметне казна од четири проценти од вкупниот светски приход или парична казна од 20 милиони евра.