Ирска повикува на оставка на еврокомесарот за трговија

Европскиот комесар за трговија, Фил Хоган, во средата се соочи со повиците од владата на Ирска да поднесе оставка откако минатата седмица присуствувал на вечера која била спротивна на мерките против пандемијата на коронавирусот.

Челникот на партијата на ирските Зелени, Еамон Рајан, изјави на националната телевизија RTE дека владата повеќе нема доверба во еврокомесарот. Сега останува на претседателката на Европската комисија да реши што натаму, додаде.

Ирскиот министер за здравство Стивен Донели, пак, го повика еврокомесарот Фил Хоган да ги послуша премиерот и вицепремиерот, и да го разгледа поднесувањето оставка.

Во вторникот Хоган поднел целосен извештај за претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, за своите движења и контакти пред вечерата. Но, сѐ уште нема официјален одговор на овој извештај.

Во интервјуто за телевизијата RTE во вторникот, Хоган се извини и понуди објаснување на своите движења во земјата и надвор од земјата, која беше под локален карантин, по неговото враќање од Брисел на 31-ви јули. Хоган изјави дека имал негативен тест на коронавирусот кога на 5-ти август бил во болница, што значело дека „не е законски обврзан да се самоизолира или да оди во карантин“.

Според ирските прописи во врска со коронавирусот, Хоган требало да биде две седмици во карантин по враќањето од Белгија. Мерките на ирското министерство за здравство одредуваат дека лицето е должно да го ограничи своето движење во текот на 14 дена, доколку влезе во Ирска од земја којашто не е на „зелената листа“.

Како одговор на интервјуто, челниците на партиите во коалицијата влада порачаа дека „забавеното и колебливо давање информации (од страна на Хоган) ја поткопало довербата на јавноста“.

Повеќе од 80 луѓе присуствувале на настанот во „Oireachtas Golf Society“ во округот Голвеј, ден откако во Ирска значително беа заострени мерките против коронавирусот, за таквите собири да се сведат на максимално шест лица. Тоа ги разгневи многу Ирци кои не можеа да присуствуваат на погребите на своите блиски или, пак, мораа да ги откажуваат летувањата и венчавките за да се придржуваат до едни од најстригите мерки во сузбивањето на пандемијата.