Исчезна авион со шестчлен екипаж на истокот на Русија

Авионот Антонов-26 со шест лица исчезнал од радарот на рускиот Далечен Исток, објавија властите.

Според Министерството за кризни ситуации, авионот исчезнал 38 километри од градот Хабаровск.

„Според првите податоци, во авионот имало шестчлен екипаж“, објави министерството и додаде дека екипажот бил на пробен лет, пренесуваат руските агенции.

Авионот Ан-26 е транспортен авион со средни релации и е изграден во 1970-тите.

Припаѓал на компанија која се занимавала со техничка контрола на руските аеродроми.

Властите испратиле спасувачка екипа и хеликоптер на подрачјето на исчезнувањето на авионот.Според извор на ТАСС, авионот бил „во добра состојба“ и екипажот не предупредил за било каков проблем пред полетување.

Ваквите несреќи се вообичаени на рускиот Далечен Исток и се случуваат главно поради староста на авионите и лошите временски услови.Во август се урна хеликоптер Ми-8 со 16 патници и членови на екипажот, вклучувајќи 13 туристи. Тој падна во езеро во Камчатка поради слабата видливост. Загинаа осум луѓе.

Во јули, патнички авион со 22 патници и шест членови на екипажот се урна при подготовка за слетување во Камчатка. Немало преживеани.