Исчезна фудбалер – одбил во игра да влезе како резерва

Египетскиот фудбалски прволигаш Енппи соопшти денеска дека крилниот напаѓач од Буркина Фасо, Ерик Траоре, исчезнал по напуштање на стадионот за време на натпреварот одигран на 18 април против Асуан, откако одбил да влезе во игра од клупата за резервни играчи.

Енппи наведе дека 26-годишниот интернационалец, кој сезонава настапува како позајмен фудбалер од Пирамидс, ги исклучил своите мобилни телефони по заминување од клупскиот стадион во Каиро, и оти сите обиди да се воспостави контакт со Траоре преку неговата сопруга и менаџерот биле неуспешни.

Клубот, кој е во сопственост на државната нафтена компанија, наведе дека ја известил фудбалската федерација на Египет оти Траоре исчезнал, додавајќи дека не е поднесена тужба против фудбалерот.

„Само се надеваме дека е во добра состојба и оти ќе можеме да разговараме за формалностите подоцна“, изјави фудбалскиот менаџер на Енпп, Мохамед Исмаил, за египетската телевизија.