Исчезнаа десетици деца мигранти во Велика Британија

EPA-EFE/TOMS KALNINS

Од 197-те деца мигранти без придружба од Албанија, кои годинава ги прифати Советот на округот Кент во Велика Британија, 39 се водат за исчезнати – пренесе Би-би-си.

Од 1 јануари до 31 октомври, локалните власти ја презедоа улогата на старатели на децата, од кои 20 отсто исчезнаа.

Советот на округот Кент соопшти дека тесно соработува со Министерството за внатрешни работи и полицијата за да ги заштити ранливите деца.

Според податоците на британската влада, 44.122 луѓе го преминале Ла Манш со мали чамци оваа година, а 28.461 пристигнале во 2021 година.

Повеќе од 12.000 мигранти од Албанија годинава по морски пат стигнаа до Велика Британија.

Зголемениот прилив го преполни „Процесинг центарот“ во Манстон во Кент, кој во еден момент прими 4.000 луѓе иако неговиот капацитет е половина од тоа.

Советот на Кент рече дека е многу тешко да се спречат децата да исчезнат и се обидува „проактивно да ги идентификува“ оние кои можат да бидат изложени на ризик од експлоатација.

Исто така, се обврза да утврди дали системот може да се подобри за да се спречи тоа да се случи.