Исчезнува германската индустрија

Германските компании забрзано се движат во странство, предупреди првиот човек на здружението VDA, велејќи дека индустријата во најголемата европска економија полека исчезнува поради високите трошоци за енергија коишто ја загрозуваат нејзината конкурентност.

„Создавањето вредност, бизнисот и работните места во голем дел од енергетски интензивната индустрија се во конкретна опасност на локациите во Германија“, рече во понеделникот претседателот на Конфедерацијата на германските индустријалци (BDI) Зигфрид Русвурм.

„Индустриското производство исчезнува или се сели во странство“, нагласува Русвурм. „Светлата буквално се гасат на сѐ повеќе локации во Германија“, додава.

Индустријата сака да ги постигне климатските цели, но ѝ се заканува пропаст „затоа што е сѐ помалку конкурентна и нема сигурна основа за планирање“, објаснува шефот на VDA.

Претприемачите, вели тој, „можат успешно да работат и инвестираат само ако рамковните услови се предвидливи, а (нивната) трошковна позиција е конкурентна. Во последно време, тие можат сѐ помалку да се потпираат на тие два услова“, додава Русвурм.

На индустријата ѝ се потребни сигурни проценки за вкупните трошоци за зелената транзиција, прецизира тој, издвојувајќи ја „сериозната проценка на трошоците за електрична енергија од 2030 година“.

Германија мора да ги задржи хемиската и челичната индустрија и другите гранки на индустриската база за трајно да ги задржи знаењата и работниците и да биде подготвена за нови фази на создавање вредност, истакнува Русвурм.

„(Тоа) нема никаква врска со неекономичните, грчевити обиди да се задржи застарената индустрија. Губењето на индустриската компетентност би било фатално за Германија и нејзината позиција како индустриска, извозно ориентирана земја на иновации, и не би претставувала добивка ниту за заштита на климата на Земјата“, додава Русвурм.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.