Екипи на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ денеска исекоа две дрва на булеварот Илинденска во населбата „Карпош 3“ спроти фудбалското игралиште на ФК „Алумина“. Од претпријатието рекоа дека станува збор за сеча на еден јавор и каталпа, како и поткастрување на гранки, по решение на Град Скопје.
Решението, пак, било одобрено по барање на компанијата „ГА-МА“, која поставува инсталации од системот за пренос на природен гас.
Сепак, граѓаните се револтирани поради сечата на дрвата во дрворедот кој се протега од почетокот на булеварот во „Карпош 4“ до ценар, а особено е густ во делот каде што се сечат дрвата.
Во изминативе години постојано се прекопуваат парковите на булеварот поради разни причини и поставување на кабли или цевки, де за интернет, де за топлификација, но никогаш не се сечеле дрва, посебно не вакви големи. Дури имаше засадувани и нови, а сега се сечат, револтирани се граѓаните.