Исклучена струјата на Железници, Клинички е следен?

Железница од утринава остана без електрична енергија, а деловите кои се под Електродистрибуција се отсечени од мрежата.

МЖ Транспорт не успеа да го плати долгот за струја што надминува 6,5 милиони евра поради што ЕВН почна со спроведување на својот план за исклучување, како што најави претходно деновиве. Инаку, ова државно претпријатие важи за загубар и подолго време се соочува со фнансиски проблеми.
Од ЕВН денеска до пладне ќе чекаат писмена гаранција од Владата дека ќе го плати долгот на Клинички центар, кој е повисок од 7 милиони евра. Ако тоа не се случи Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ од денеска ќе остане без струја, објави Телма.

Клиничкиот повеќе од три години не ги плаќа сметките за струја и сега Владата бара средства од буџетот за да го подмири милионскиот долг.

Пред три дена премиерот Димитар Ковачевски изјави дека, обврска на државата и на Министерството за финансии е да обезбеди средства за непречено функционирање на Клиничкиот центар во Скопје, откако претходно беше објавено дека Клинички должи над 7 милиони евра за струја и дека може да му се исклучи струјата.

-Сите ресорни министри кажаа дека е обврска на државата да обезбеди здравствени услуги и во оваа енергетска криза, исто како и образовни услуги преку нудење на електрична енергија по пониски цени од берзанските, преку ЕСМ. Исто ќе направиме и со финансиски средства за фирми, како и за други витални функции на државата, рече Ковачевски.