Исклучени се серверите на веб-страната што крадеше банкарски сметки, лажно претставувајќи се како УЈП

Исклучени се серверите на лажната веб-страница преку која се крадеа банкарски сметки и лични податоци од граѓаните. „Ујп-гов.мк“ денеска е надвор од функција, но доменот не е избришан од „Марнет“, каде што се регистрираат сите веб-страници со „.мк“. Ова доаѓа по вклучувањето и на полицијата во потрагата по измамниците што сакаа да измамат граѓани. Засега е познато дека веб-страната е регистрирана на туѓо име и презиме, со лажна адреса и лажен телефонски број. Но, непознато е дали и колку луѓе оставиле лични податоци.
Сѐ уште нема одговор од „Марнет“ на прашањата, зошто доменот два месеца не е избришан, а е регистриран со лажни лични информации. Молк и на прашањето дали може да се превенираат регистрации на вакви веб-страници со цел граѓаните да не бидат изложени на злоупотреби.
Од УЈП случајот го пријавија во полиција, чија задача е да откријат како и од кого е закупен доменот.
Лажната веб-страница на измамниците кои се претставуваат како УЈП, е регистрирана на 6 февруари. Како сопственик е впишан извесен Јован Трајановски. Освен тоа, лажна и неточна е и имејл-адресата, објави „Макфакс“.
Адресата внесена како седиште на регистраторот на лажната веб-страница е исто така, лажна. Измамниците како назив на улицата внеле булевар „Јане Сандански“, а како број пишале 12. Но, не пишале број на зграда, на влез и на стан. „Макфакс“ ги провери сите граѓани што како свое живеалиште ја имаат впишано оваа адреса. Станува збор за речиси 400 жители. Но, меѓу нив нема никој со име Јован Трајановски.
„Веб-страницата е лажна, не e во сопственост на Управата за јавни приходи. Испраќачот на пораките се обидува да ги злоупотреби името и логото на УЈП и да ги доведе во заблуда граѓаните да споделуваат лични податоци и на тој начин да се изложат на ризик и можна злоупотреба. Управата за јавни приходи ги презема сите неопходни активности за справување со оваа состојба“, велат од УЈП.
Ова не е прва ваква измама во Македонија. Изминатава година граѓаните алармираа, а МВР постапуваше по десетици вакви пријави. На ист или сличен начин, но преку веб-страници регистрирани во странство, се крадеа податоци од граѓани.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.