„Исламска држава“ презеде одговорност за нападот во универзитетскиот кампус во Кабул

Терористичката група „Исламска држава“ презеде одговорност за денешниот напад во универзитетски кампус во Кабул, каде во повеќечасовна престрелка со авганистанските сили се убиени најмалку 19 лица, јави ДПА.

Авганистанските медиуми објавија дека најмалку 10 лица од убиените се студенти.

Според дел од европските медиуми, во нападот се убиени 22 лица.

Крвопролевањето почна со самоубиствен напад на напаѓач кој во кампусот активирал експлозивна направа. Потоа двајца вооружени мажи почнале да пукаат кон студентите, кои во паника се криеле и бегале преку ѕидовите на кампусот. Некои студенти под опсада биле повеќе часови.

Откако влегле во кампусот, облечени во воена униформа, напаѓачите зазеле позиција на еден од факултетите и почнале да разменуваат оган со авганистанските елитни сили со часови.

Американски воен претставник потврди дека мисијата „Одлучна поддршка“ предводена од НАТО обезбедува поддршка на авганистанските безбедносни сили за време на операцијата, но одби да даде специфични детали.

Стотици студенти, професори и административен персонал на универзитетот бегаа преку sидовите на комплексот, додека стотици други беа спасени од безбедносните сили, според официјалните лица и очевидците.

Во нападот се повредени најмалку 22 лица.

Напаѓачите пукаа кон студентите кои бегале кон просториите во кампусот.

– Пукаа во сите студенти кои ќе ги видеа, изјави очевидецот Фатула Моради, кој појасни дека со група пријатели успеал да побегне преку еден од излезите на кампусот.

Претставникот на НАТО во Авганистан Стефано Понтекорво го осуди нападот.

– Ова е втор напад врз образовна институција во Кабул во десет дена. Авганистанските деца и млади мора да се чувствуваат безбедни додека се образуваат, порача тој.

Минатиот месец, 24 лица, претежно студенти, беа убиени во напад на образовен центар во Кабул. Насилството го погодува Авганистан во време кога владата и талибанските преговарачи се состануваат во Катар за да постигнат мировен договор што ќе резултира со повлекување на американската војска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.