Исламската држава го прогласи Covid-19 Божја казна за непријателите

Ултрадарикалната сунитска организација Исламска држава порача дека пандемијата на новиот коронавирус е „Божја казна за непријателите“, во аудио-пораката емитувана во четвртокот во којашто џихадистите најавуваат и нови напади.

Лицето на снимката, објавена на интернет страниците на исламистичките милитанти, за себе вели дека е портпарол на Исламската држава, и се идентификува како Абу Хамза ал-Квараиши.

„Господ ја испрати казната за тираните на оваа ера и за нивните следбеници… којашто не може да се види со голо око (алудирајќи на коронавирусот)… Денес сме задовлни поради оваа Божја казна за вас“, се вели во пораката.

Ова е трета снимка на терористичката групација Исламска држава откако објави дека го именувал Абу Ибрахим ал-Хашеми ал-Квараиши за нов водач, откако минатата година американските специјалци во Сирија го ликвидираа дотогашниот лидер Абу Бакр ал-Багдади.

На споменатата снимка се повикуваат борците на Исламската држава да ги „подготват своите сили и да бидат што понемилосрдни кон непријателите на Господ и да ги нападнат нивните места“. „Не дозволувајте да мине ниту еден ден а да не ги направите нивните животи грозоморни“, се наведува во пораката.

Кваириши не наведува некоја конкретна цел, но ги споменува земјите во кои групата е сѐ уште активна, како Сирија, Ирак и земјите од северна и западна Африка.

Според експертите, по ликвидацијата на ал-Багдади оваа џихадистичка групација се обидува да се прегрупира, откако пред неколку години ги загуби големите територии кои ги контролираше во Ирак и во Сирија.

Организацијата SITE Intelligence Group, којашто се занимава со разузнавање на содржините и активностите објавувани на интернет страниците на милитантите, оценува дека снимката веројатно е автентична, имајќи предвид дека лицето кое се претставува како портпарол на Исламската држава го потврдува тврдењето на џихадистите дека Covid-19 е Божја казна.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.