Исланд однесе бод од Скопје

Македонија и Исланд во возвратниот дуел во неделата во Скопје одиграа без победник 24:24 (10:11), со што македонската селекција по победата на гостински терен се здоби со предност во меѓусебната пресметка со главниот ривал во квалификациската група за Европското првенство.

Исланѓаните беа решени да се одмаздат за поразот пред своите навивачи, и поведоа уште од самиот почетокот и до 15 минута одржуваа предност од еден до два гола. Потоа во моментите кога исклучување заработи Олафур Густафсон, Македонија ја искористи предноста и направи пресврт со серија од три погодока (8:7), а на десет минути до крајот на полувремето дојде и до два гола предност (10:8). Но следеше криза во редовите на домашната селекција, па гостите успеаја до крајот на првиот дел да постигнат три гола во низа и на одмора да заминат со минимална предност 11:10.

На самиот почеток од второт полувреме Исланд усепа да дојде до предност од три погодока и да ја одржува до средината на полувременето кога резултатот беше 18:15 во полза на гостите. Тогаш проработе македонската одбрана и веќе во 47 минута двете селекции беа израмнети (18:18). Серијата продолжи и Македонија се одлепи на два гола предност (20:18). Во самиот финиш домашните ракометари влегоа со минимална предност од 24:23, но како и во Исланд, следуваше драматична завршница: Борко Ристовски одбрани, а во нападот неговите соиграчи избрзаа со шутот, па Халгримсон го одбрани ударот на Лазаров. На 35 секунди до крајот Исланд се одлучи за долг напад и Јонсон израмни на три секунди до истекот на времето. Македонскиот селектор Данило Брестовац побара тајм-аут, а потоа Манасков погоди, но според судиите по истекот на времето.

Ристовски нанижа 14 одбарни, а стрелците во македонската селекција ги предводеше капитенот Лазаров со 8 голови, а Манасков и Талески постигнаа по 4. Исланд беше предводен од Магнусон со 8 голови, а го дополнуваше Јонсон кој впиша 5 погодоци, додека голманот Халгримсон забележа 10 одбрани.