Исланд се подготвува за можна ерупција близу главниот град

Исландските власти се подготвуваат во средата за можна помала ерупција на вулкан, триесесетина километри оддалечен од престолнината Рејкјавик, но не стравуваат од сериозни последици.

Земјотреси, кои се типични за придвижувањето на лавата, се регистрирани во средата попладнето во областа на планината Кеилир, на полуостровот Рекјанес, кој минатата седмица беше погоден од потрес со магнитуда од 5,7, соопшти метеоролошкиот институт на Исланд.

Доколку во оваа област се случи ерупција, таа ќе биде првата по повеќе од осум векови, се додава во објавата.

„Можноста за ерупција е реална, но мораме да видиме како актнивностите ќе се развиваат“, изјави за медиумите Фрејстејн Сигмундсон, геофизичар од исландксиот универзитет.

Исланд е најголемиот и најактивен вулкански регион кој припаѓа на Европа, со ерупции просечно на секои пет години. Последните се случија во периодот 2014/2015 година во ненаселената област на истокот на земјата.

Но многу попозната е ерупцијата на Ејафјалајокол, на југот од земјата во 2010 година. Неговиот облак предизвика најголемо нарушување на воздушниот сообраќај во мирнодопската историја, парализирајќи го воздушниот простор над Европа речиси цел месец. Тоа беше надминато само од пандемијата на коронавирусот.

„Доколку се случи ерупција, очекуваме дека ќе биде помала. Не очекуваме голема експлозивна ерупција, мислиме дека ќе има минимално влијание на атмосферата, воздушниот сообраќај и животот на луѓето“, рече Сигмундсон.