Испекциите проверуваат увоз на отпад на преминот Богородица

OLYMPUS DIGITAL CAMERA

При вонредната инспекција на увозот на отпад на граничниот премин Богородица земени се примероци во лабораторија за да се провери дали отпадот од типот RDF е токсичен. Според Државниот инспекторат за животна средина, во моментов 11 камиони со 268 тони отпад се запрени во меѓуграничниот појас со Грција кај Богородица, а чија дестинација е фабриката за цемент УСЈЕ во Скопје. Министерството за екологија соопшти дека врз основа на бараната дозвола од страна на фабриката, до 20 февруари тие ќе увезат вкупно 1.000 тони алтернативно гориво.

„Инспекторатот во координација со Министерството и Царинската управа, изврши вонредна инспекција на увоз на забранет отпад на граничниот премин Богородица. Резултатите ќе бидат објавени по проверка на документацијата и анализата на примероците земени од инспекторите и царинските служби.“-велат од Министерство за екологија.

Од УСЈЕ која има грчки газди, соопштија дека ништо не е нелегално и оти имаат соодветни дозволи за увоз на отпадот. Според нив, тие увезуваат само 4.400 тони отпад годишно или 4% од дозволата која ја поседуваат за 50.000 тони за една календарска година. Според фабриката, тие никогаш не ги искористиле своите легитимни лимити и оти 35% од горивата се алтернативни, а останатите 65% се фосилно гориво – мазут.

Од партијата ДОМ која предложи да се забрани увоз на отпад со новиот закон, велат дека намерно е одолговлекува предлог-закон во собраниска процедура. Пратеничката Поповска вели дека индустриски олигарси влијаат врз власта законот за управување со отпад да не го става на дневен ред сè додека не се увезе дозволената количина отпад и оваа година.

Во меѓувреме, на денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања беше донесен предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за квалитет на амбиентниот воздух, кој доби зелено светло во прво читање. Додека еколозите увезениот отпад за согорување го сметат како еден од главните загадувачи на воздухот, од друга страна, надлежните денеска на пладне ги укинаа вонредните мерки против загадувањето што само ЈСП го чинеше 120.000 евра. Според Град Скопје, концентрациите на честичките ПМ-10 во воздухот се под пропишаниот праг. Граѓаните, сепак, велат дека прочистувањето на воздухот не е резултат на мерките на државата, туку поради врнежите од дожд.