Исплатена каматата за корпоративните обврзници на ТТК банка

ТТК Банка АД Скопје ја исплати вчера каматата за првата година на сопствениците на Корпоративни обврзници – втора емисија. Пресметката на камата е извршена по фиксна каматна стапка од  2,7 проценти на годишно ниво, соопштија од банката.

Предмината година и лани ТТК банка во два наврати реализираше успешни емисии на долгорочни должнички хартии од вредност – корпоративни обврзници.

Обврзниците од првата емисија се со номинална вредност од 1.000 евра, со рок на доспевање од пет години и три месеци, а каматната стапка е фиксна и изнесува 3,5 отсто  годишно. Обврзниците од втората емисија се со рок на доспевање од шест години и фиксна каматна стапка 2,7 отсто годишно.

Во овој момент тие се единствените финансиски инструменти со гарантиран принос со коишто се тргува на секундарниот пазар. Приходите од вложувањето во обврзница се стабилни и предвидливи, што ги прави популарни за инвеститорите кои сакаат да остварат сигурни приходи. Истовремено, на овој начин, Банката го поттикнува развојот на домашниот пазар на капитал и секундарниот пазар на должнички хартии од вредност.