Исплатени 599,6 милиони денари на 18.248 земјоделци

Министерството за финансии исплати 599,6 милиони денари субвенции на 18.248 земјоделци по повеќе основи.

За мерката произведен и продаден тутун од реколтата 2013, исплатени се 398,5 милиони денари на 13.056 тутунари. Финансиската поддршка за оваа мерка изнесува 60 денари за килограм произведен и продаден тутун.
За мерката полјоделски култури исплатени се 60 милиони денари на 1.665 полјоделци. Финансиската поддршка по хектар обработлива земјоделска површина за полјоделски култури изнесува 9.000 денари.
За градинарско производство на отворено и во пластеници исплатени се 8,2 милиони денари на 368 градинари. Субвенцијата по оваа мерка изнесува од 6.000 до 25.000 денари по хектар.
На 129 овоштари исплатени се 6,7 милиони денари за одржување постоечки овошни насади. Субвенцијата по оваа мерка изнесува од 15.000 до 33.000 денари по хектар.
За одржување постоечки лозови насади исплатени се 18 милиони денари на 231 лозар. Финансиската поддршка која ја добиваат лозарите за оваа мерка изнесува 40 илјади денари по хектар.
На вкупно 1.735 сточари исплатени им се субвенции во износ од 38,3 милиони денари за одгледување говеда, при што субвенцијата изнесува 2.800 денари по грло.
Исплатени се и 40,6 милиони денари субвенции на 238 сточари за одгледување овци. Висината на поддршката изнесува 1.000 денари по грло.
По 1.000 денари од грло, или вкупно 4 милиони денари, добија и 98 сточари за одгледување кози.
Воедно, по 1.000 денари по грло, или вкупно 1,7 милиони денари, добија и 58 сточари за одгледување маторици.
Исплатени се и субвенции во износ од 16,9 милиони денари за произведено и продадено кравјо, овчо и козјо млеко, при што висината на поддршката изнесува 3,5 денари по литар.
Министерството за финансии денес исплати и 6,3 милиони денари субвенции на 670 земјоделци за осигурување на примарното земјоделско производство. Висината на поддршката изнесува 60 проценти од вредноста на полисата.
Владата со редовна исплата на субвенциите за земјоделците останува доследна во поддршката на земјоделството како една од носечките гранки на македонското стопанство.