Исплатeни заостанати плати на вработените во СЈО, иако нема ставка во Буџетот за 2020 година

Владата го искористи ребалансот на буџетот кој помина минатиот четврток да стави ставка во која за СЈО се одвојуваат 300.000 евра за исплата на заостанатите плати на службениците во згаснатото обвинителство. Овие пари беа исплатени и никаде не фигурираа во основниот буџет за 2020 година. Иако овие пари четири месеци не постоеја во државната каса, Владата со уредба ги исплати, по што во ребалансот ги вметна како ставка за присилна наплата преку УЈП, истакнува Алсат М.

Инаку, уредбата за исплата на заостанатите плати беше поништена од Уставниот суд. Од Министерството за правда исплатата на 18 милиони денари ја правдаат дека имале важечка владина уредба, иако не постоеше таква ставка во основниот буџет за оваа година.

„Таа се однесува за веќе исплатените плати и за веќе реализираните средства за јавнообвинителски службеници во СЈО. Платите се исплатени кога уредбата била во сила и не била ниту замрзната ниту поништена од страна на Уставниот суд“, велат од Министерството за правда.

Откако Уставен ја поништи оваа уредба, не е јасно дали и како ќе се исплатат платите на вработените во СЈО. Ова прашање допрва ќе се отвори утре. Дилемата ќе се решава на ниво на министерствата за правда и финансии, УЈП и Обвинителство. Пари за СЈО се предвидени до мандатот на ова обвинителство, до септември годинава. Проблемот со исплатите на платите се појави откако беше притворена шефицата на ова обвинителство Катица Јанева и доби разрешување, а нејзините заменици беа префрлени во редовното обвинителство и СЈО остана без овластен потписник.