Истанбул: Демонстрации за осуда на нападот врз „Шарли ебдо“

Турската демократска јавност од познатиот плоштад Таксим во Истанбул го осуди нападот врз францускиот сатиричен неделник „Шарли ебдо“, во кој во средата беа убиени 12 лица, соопшти турскиот весник „Радикал“, пренесе МИА.

Водечките турски печатени изданија денеска објавија карикатури и написи со кои го осудија нападот.

„Моливот не замолкнува“ и „Смеата го убива стравот“ (цитат од „Името на розата“ на Умберто Еко), се насловите во турските весници „Хуриет“ и „Хабертурк“.

Весникот „Џумхуриет“ од двете страни на своето име на прва страница стави црни антрафилеа со натписот „Je Suis Charlie“ („Јас сум Шарли“), додека „Стар“ излезе со насловот „Напад против исламот“, цитирајќи ги зборовите на директорот за вероисповеди во Турција, Мехмет Гормез.

Првиот вчерашен настан за поддршка на неделникот во Истанбул се оддржа пред францускиот конзулат, каде се собраа локални и странски писатели, уметници и претставници на синдикални организации. Актерот Орхан Ајдан, еден од учесниците во настанот, од името на демонстрантите изјави дека насекаде во Европа – од Холандија до Велика Британија и од Италија до Грција, луѓето го осудуваат нападот во Париз.

– И ние, граѓаните и луѓето од уметноста од оваа земја, не можеме да останеме неми пред овој напад. Зотоа што ние сме меѓу државите кои најчесто страдаат од таквите акти на тероризам, додаде тој.

Ајдан нападот врз „Шарли ебдо“ го спореди со оној во турскиот град Сивас, од 2 јули 1993 година, кога 35 интелектуалци од заедницата на алевитите во Турција загинаа во пожар во хотел.

– Нема никаква разлика меѓу нападот во Сивас од 2 јули и тоа што се случи во Париз. Затоа што имаме ист менталитет. Овој менталитет се покажа и во Париз. Не се знае каде утре пак ќе се појави, изјави турскиот актер.

Еден час по првиот протестен настан пред францускиот конзулат во Истанбул демонстрантите се собраа и на булеварот „Истиклал“, што води до плоштадот Таксим, за да го осудат нападот. Демонстрантите носеа транспаренти со натписи на турски и француски јазик „Еднаквост“, „Слобода“, „Братство“ и „Je Suis Charlie“.

Демонстрантите, исто така, се упатија кон конзулатот на Франција, каде со минута молк им одадоа почит на 12-те убиени лица и на столбот од зградата оставија каранфили. Некои од демонстрантите запалија и свеќи во помен на жртвите од нападот. 

фото: МИА