Истекувањето на Северен тек го предизвикале „силни експлозии“, според Данска

Прелиминарната истрага на штетата на двата гасовода Северен тек во данскиот дел од Балтичкото Море покажуваат дека се предизвикани од „силни експлозии“, објави данската полиција во вторникот во соопштение.

Натамошната истрага за напукнувањата на вкупно трите цевководи од четирите на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 од 26-ти септември во данскиот ексклузивен економски појас заеднички ќе ја водат полицијата на Копенхаген и данската безбедноста и разузнавачка агенција.

„Сѐ уште е преран да се зборува за рамките во коишто ќе се одвива меѓународната соработка, на пример со Шведска и Германија, бидејќи тоа зависи од неколку актери“, соопшти копенхашката полиција.

На 14-ти октомври, минатиот петок, беше објавено дека Шведска, Данска и Германија нема заеднички да ги истражуваат инцидентите со гасоводите Северен тек 1 и 2 за кои се верува дека се чин на саботажа во водите на Балтичкото Море, и сега секоја од овие земји ќе спроведува своја истрага, објави во петокот порталот на информативната програма Tagesschau на јавниот германски радиодифузер ARD.

„Шведска, Данска и Германија имаа намера заеднички да ги истражуваат оштетувањата на цевководите и да откријат кој е одговорен за тоа. Меѓутоа, тоа сепак нема да се случи“, пишува информативниот портал повикувајќи се на извори на ARD од кругови блиски на германската влада.

Притоа се наведува дека заедничкиот истражен тим повеќе не постои. Според медиумите, од групата прво се повлекла Шведска, а потоа и Данска. Се прецизира дека Шведска изразила загриженост во врска со доверливост на податоците од истрагата.

Така сега, според Tagesschau, секоја од трите заинтересирани земји ќе водат самостојни истраги.

Претходно минатиот петокот портпаролката на германското Министерство за внатрешни работи ги информираше новинарите дека германски безбедносни агенции ги завршиле истражните активности на местото на инцидентот на гасоводот Северен тек 1 во водите на ексклузивните економски зони на Шведска и Данска.

Германската сојузна полиција и поморските сили ја започнаа истражната мисија за да ги разјаснат околностите кои довеле до оштетувањата на двата гасовода Северен тек, за што постојат сомневања дека се последица од детонации и можна намерна саботажа. Германскиот магазин Der Spiegel објави дека по саботажата и истражната мисија на Бундесверот и сојузната полиција на местото на инцидентот, германското државно обвинителство официјално покренало истрага.

 

Сомнежите за саботажа на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2 во шведските и данските води на Балтичкото Море се засилија во четвртокот откако шведската безбедносна полициска агенција SAPO го заврши увидот на местото на инцидентот и во соопштение за медиумите извести дека експлозии предизвикале значителна штета на цевководите. Шведската безбедносна агенција ја води прелиминарната истрага за инцидентот со истекувањето на гас од двата руски гасовода по дното на Балтикот со кој енергенсот се транспортира од Русија до Германија и Европа. По извршениот увид од Управата за национална безбедност, обвинителот ја отстрани претходно воспоставената забранета зона.

Русија, за чијашто инвестиција во севкупен износ од околу 20 милијарди евра, отвори постапка за чин на меѓународен тероризам поради истекувањето откриено на 26-ти септември на четири локации истовремено, право што според меѓународните стандарди ѝ припаѓа. Но данскиот министер за надворешни работи Јепе Кофод, одлучно ја отфрли можноста на официјален Копенхаген за учество на Русија во истрагата за саботажата и утврдување на одговорните.

Од првите часови по полноќ кон 26-ти септември беа објавени четири истекувања, две во данските и две во шведските територијални води, откриени на гасоводите Северен тек 1 и Северен тек 2, со кои гасот од Русија се испорачуваше во Германија, односно на пазарот во Европа. Сеизмолошките заводи на Шведска и Данска измериле потреси со магнитуди од 2,3 и 2,1 степени по Рихтер, оценувајќи дека „веројатно одговара на експлозивен набој од неколку стотина километри тротил“.

Агенцијата Reuters објави дека разузнавачки авион на американската морнарица прелетал над Балтичкото Море во близина на местото на инцидентот со руските гасоводи Северен тек 1 и 2, само неколку часа по истекувањето на гасот. Разузнавачки авион на американската морнарица, кој Вашингтон го опиша како рутински лет, прелетал во близина на местото на оштетувањето на Северен тек 2 во Балтичкото Море неколку часа по појавата на првото истекување на гасот.

На крајот од минатиот месец беше објавено дека од 1-ви до 3-ти септември, хеликоптер на американската воена морнарица кружел околу данскиот остров Борнхолм, каде што подоцна е воочено истекувањето од цевководите. Покрај тоа, американски летала прелетале над гасоводите на 10-ти и 19-ти септември, и ноќта од 22-ри на 23-ти септември и ноќта од 25-ти кон 26-ти септември. Во сите случаи траекториите на американските воени летала упатуваат дека станува збор за извидувачки летови или прелети над конкретниот дел од акваториумот. Во медиумите беше наведено дека патеките на хеликоптерите кои извеле ноќен прелет на 23-ти и на 26-ти септември имале „збунувачки патеки“.