Истекувањето од гасоводот Северен тек 2 се случило во Данска

Истекувањето на гасот се случило на еден од двата цевководи на гасоводот Северен тек 2 од Русија во близина на данскиот брег југоисточно од Дуеод, каде е воспоставена забранета зона, соопшти данската агенција за енергетика.

„Данските власти беа информирани за значителен пад на притисокот во гасоводот Северен тек 2. Според прелиминарните процени, истекувањето се случило на еден од двата цевковода на Северен тек 2 во данските води ја југоисток од Дуеод“, се истакнува во соопштението.

Се додава дека данската Поморска управа издала предупредувањето за пловидбата и воспоставување забранета зона во радиус од пет наутички милји околу гасоводот, поради опасност за движење на бродовите.

„Надвор од забранетата зона нема безбедносни закани поврзани со истекувањето. Не се очекува инцидентот да влијае врз безбедноста и снабдувањето со гас на Данска“, додава агенцијата.

Претходно во понеделникот портпаролот на компанијата оператор „Nord Stream 2 AG“ потврди дека притисокот во гасоводот Северен тек 2 остро паднал во текот на изминатата ноќ, наведувајќи како можна причина истекување на гасот. Притисокот во делот од гасоводот кој минува низ подморјето паднал од 105 на само 7 бари за што властите во Германија, Данска, Шведска, Финска и Русија веднаш биле известени.

Истовремено Поморската управа на Данска објави дека е забележано истекување на гас во близина на островот Борнхолм, од кој југоисточно минува гасоводот и предупреди дека „тоа може да биде опасно за пловидбата“.

Гасоводот Северен тек 2 преку два цевковода требаше да ги удвои испораките на гасот од Русија во Германија за дополнителни 55 милијарди кубни мети гас годишно. Градењето на овој систем кој е дизајниран и за испораки на водород, траеше три години и заврши на 10-ти септември 2021 и исполнет е со технички гас.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.