Историја на срамот

Ставот на БАН за непризнавање на македонскиот јазик и неговиот третман како „писмено – регионална норма на бугарскиот јазик“ е само логичен континуитет на вкупната повеќедецениска бугарска антимакедонска, асимилаторска и денационализаторска политика… Без промена на таквата политика…, не може да се очекуваат позитивни поместувања во македонско-бугарскиот дијалог и во добрососедските односи.

И пазете кој го вели ова: некој си Д-р Александар Литовски, историчар и член на мешовитата македонско-бугарска комисија. Изблик на искреност, кога ќе сфатите дека сте обично топовско месо на политиката, или перење на совеста пред изборите.
Го читам и не верувам. Па замислете, тој знаел дека бугарската политика кон Македонија е асимилаторска и денационализаторска. Сега му текна. Се просветли човекот. А, историчар. Човек просто да не поверува. Сигурно тоа го знаел и кога седнал на маса да ја преговара македонската историја. Ама седнал. Верувам знаел дека однесувањето на една држава секогаш е условено и управувано од нејзините национални интереси. Бугарија не е и не ќе биде Македонија. Токму поради начинот на кој се следат националните интереси. Морам да признаам дека Бугарија никогаш не ги криела своите позиции и интереси кон Македонија. Па, што очекувал дека ќе постигнеме? Компромис! Патетично.

Компромисот беше, и е можен само акo ги погазиме своите национални интереси

Кичмата ја свиткавме кога седнавме да преговараме. Достоинството го изгубивме кога ја сведоа државата на обична историска радодајка, спремна да им угоди на сите во регионот. Распродавајќи ја нашата историја, нашиот идентитет и, сега, нашиот јазик. Како луѓе без лично достоинство, не’ направија лесен плен на нашите соседи. Особено на оние што го одрекуваа нашето постоење.

Замислете, се огласи и академикот Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим „експерти“ во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања. И тој да не ти бил изненаден од ставот на Бугарската академија на науките, која јасно ни стави до знаење дека Македонскиот јазик не постои и е „бугарски, напишан на српска машина за пишување“. И види провидение. Вели, „односите на Македонија и Бугарија се донесени во апсурдна ситуација“. Како досега да не беа. Требаше да потпишеме договор за добрососедство со Бугарија за да се смени бугарската позиција кон Македонија? Или човекот е безнадежен идеалист, или е наивен или е ограничен во перцепција на реалноста. Или не ги читал македонските историски книги. Друго нема, кога седнуваш на маса да ја преговараш заедничката историја со Бугарија.

Ние полека стануваме експонат во музејот на балканската историја. Во кој веќе оддамна е сместена нашата Академија на науките и уметностите. Фосилизираните остатоци на едно минато време понекогаш ќе се разбудат да не’ потсетат дека биле и останале идеолошки слуги на власта и ништо повеќе. Добро што Таки Фити не’ потсети дека МАНУ има одлични односи со БАН и дека Повелбата за македонскиот јазик како дијалект на бугарскиот не ја подржале сите академици на БАН. Инаку, се плашам да помислам како ќе реагираа да беше поинаку. Зар јазикот и нашето достоинство како македонски народ е толку важно МАНУ (што не е веќе) да ги расипе односите со БАН? Зар МАНУ некогаш имал глас? За став не сакам да размислувам. Затоа во македонскиот пост историски период МАНУ ќе разговара, договара, зашто нема прашања за кои не се разговара, па дури и за најсензитивните, ќе ги згазат Бугарите со полтронство.
Се прашувам колку треба да бидете идентитетски и достоинствено соголени да одговорите на ваков начин. Какво е тоа пријателство кога сте мета на понижување и идентитетско обезличување. Изгледа прагот на МАНУ и Владата на понижувањата што ги трпиме во надворешната политика е голем колку што е голем јазот меѓу нив и македонскиот народ.

И, сега да прашам. Што е македонската историја после се’? Со вакви историчари ништо повеќе од недестилирани факти и идеолошко креирани вистини! Галерија на ликови и слики каде имате малку оригинали, а многу копии! Извртени, исцедени и осакатени историски вистини и факти. Зашто да им верувам на историските книги кога академиците и историчарите во Македонија си плукнаа на се’ што напишаа, станувајќи средство за потсмев на нивните колеги во Бугарија и Грција. Затоа, имам впечаток дека Македонија историските настани не ги контролира, туку тие ја контролираат неа. Со вакви пластелин историчари и академици не може да биде поинаку.

Колку лесно ни ја „разоружаа“ историјата нашите соседи. Всушност, им ја принесовме на тацна. Жртвувајќи ги македонските национални интереси. Се прашувам, што плевел изнедривме во државава да дозволи нарушување на историскиот запис во Македонија преку нелегитимен историски ревизионизам. Кој користи техники недопуштени во соодветниот историски дискурс, низ кој нашите соседи си ја зајакнаа тезата дека сме биле измислена нација и творба на Коминтерната. Очигледно само безлична Македонија без корен и свест за своето постоење е по теркот на новата историја што треба да ја испишеме. Или, да ни ја испишат нашите соседи. Историја што почнува тука и сега. Историската амнезијата која ми ја нуди оваа власт е трагедија; самонаметнатата амнезија е сериозно злосторство. За кое ќе суди историјата. Не оваа сегашнава.

Точно ќе забележи фејсбук Министерот за надворешни работи на „Северна Македонија“: лесно е да се растури, тешко е да се гради. Да, ја растури Македонија, а што изгради со Бугарија? Негирање и понижување на кое ќе одговори со „пријателство“. Христијански како што ни доликува. Не може толку да не понижат колку оваа власт може да проектира пријателство и љубов кон нашите соседи.
Кога ќе ви ја земат душата, сеќавањето, кога ќе ви го пресечат коренот, најпосле и името не треба да ви биде важно. Бар така се надеваат оние што го креираа овој социјален инжињеринг. Само го заборавија и го потценија народот. Македонскиот. Митот за постоењето, страдањата и преживувањата ќе живее. Заедно со него. И после се.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес