Историјата на колекцијата на МСУ на изложбата „Скопје, одново“

Во Музејот на современата уметност (МСУ) в понеделник (18 ноември) ќе биде отворена изложба  „Скопје, одново“, која ќе го прикаже процесот на основање на Музејот и на неговата исклучителна меѓународна колекција, со посебен фокус на американските уметници.

Изложбата „Скопје, одново“ е резултат на соработката помеѓу МСУ  и Амбасадата на САД во Скопје, а кураторки на изложбата се Ана Кац (кураторка во Музејот за модерна уметност во Њујорк – МоМА) и Кумјана Новакова (кураторка соработничка на МСУ).

Во рамките на постановката ќе бидат изложени повеќе од 100 дела и архива поврзана со процесот на креирање на колекцијата и кореспонденцијата со авторите на делата. МСУ првпат ќе изложи дел од личната кореспонденција на авторите како Александер Калдер, Џаспер Џонс, Шила Хикс, Алекс Кац, Јон Григореску, Сол ЛеВит, Вифредо Лам, Мина Ситрон, Џеф Расел, Бриџит Рајли…

Изложбата „Скопје, одново“ ја обработува најголемата меѓународна акција на солидарност во уметноста организирана во октомври 1963 од Меѓународната асоцијација на пластични уметности, паралелно со глобалната кампања за реконструкција на градот Скопје по земјотресот. Со подароците од автори од цел свет, МСУ  станува дом на единствена и исклучителна колекција на современа уметност во земјава. Најголем дел од делата се од водечки уметници на глобалната современа сцена во двете децении по земјотресот, што води и до основањето на МСУ во 1964 година. Полската влада во тоа време финансирала тим  прогресивни млади архитекти, кои во 1970 година го градат објектот, кој денес е постојан дом за музејот.

Во таква атмосфера на транснационална соработка и ентузијазам, преставена во извештајот на ООН од 1966 година под наслов „Скопје воскреснува“ (Skopje, Resurgent), МСУ развива и разновидна програма на изложби, меѓународни соработки и партнерства. „Скопје, одново“ ќе изложи и дел од архивскиот материјал кој сведочи за оваа важна позиција на МСУ  во тоа време.

-„Скопје, одново“ ќе понуди и отворена јавна програма која преку филмски проекции, работилници, предавања и водење низ изложбата ќе ги претстави и различните аспекти на изложените дела и архиви.Јавната програма се развива во соработка со Кара Мејнс (кураторка во Музејот за модерна уметност во Њујорк – МоМА), програмата за уметничка критика со Кет Хариман (новинарка од САД која пишува за медиуми како Vice, Cultured), визуелниот идентитет и графички дизајн е на Елена Диновска-Зарапчиев, а дизајнот на изложбата е на Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков, соопшти Музејот на современа уметност.