Историска мерка за поголема борбена готовност, мотивираност и професионалност

Намерите и целите на Владата и на Министерството за одбрана се еднаш и засекогаш да се реши прашањето на професионалните војници, за што добивме поддршка и од соодветните синдикати, рече министерот за одбрана, Талат Џафери, по денешната средба со претставниците на Синдикатот на одбрана и безбедност и Независниот синдикат на одбраната.

„Заедничка констатација беше дека оваа мерка позитивно ќе влијае на борбената готовност и на квалитетот на извршување на задачите на припадниците на АРМ, имајќи предвид дека во нивниот работен век го имаат решено статусното прашање“, смета Џафери.

По состанокот на кој присуствуваа и заменик-министерот за одбрана Емил Димитриев и државниот секретар во Министерството, Сашо Стефаноски, заменик-министерот Димитриев посочи дека станува збор за одлука со две особено важни димензии – општочовечката, односно егзистенцијалната, бидејќи тоа е прв приоритет на секој човек за себе и за своето семејство, како и професионалната димензија која укажува на дополнителниот мотив да се биде уште попрофесионален, поквалитетен  и подисциплиниран во работењето.

„Оваа мерка е историска за Министерството и за професионалните војници, сите елементи околу неа се позитивни и нема ризик од некој негативен елемент кој би произлегол од неа“, додаде заменикот министер.

Претставниците на Синдикатот на одбраната и безбедноста и Независниот синдикат на одбраната, изразија благодарност и ја поздравија оваа одлука со која, се согласија, ќе се унапреди професионалноста во Армијата и мотивираноста кај секој вработен да даде сè од себе во извршувањето на поставените задачи.