Историски успех: „Медена земја” е кандидат за Оскар во две категории

Нашиот наградуван филм „Медена земја” на Тамара Котевска и на Љубомир Стефанов е официјално номиниран во две категории – најдобар документарен филм и најдобар странски филм. Ова е првпат во историјата на македонската кинематографија еден филм да влезе на листата во две категории.
Помеѓу петте номинирани за најдобар документарец покрај 2Медена земја” се и „Американска фабрика”, „Пештерата”, „Доба на демократија” и „За Сама”, а за најдобар странски филм номинирани се „Корпус кристи” од Полска, „Клетници” од Франција, „Болка и слава” од Шпанија и „Паразит” од Јужна Кореја.

„Медена земја“ беше прогласен за Најдобар светски документарец на американскиот филмски фестивал „Санденс“. Филмот освои две награди на Избор на критиката за документарци во САД (Critics’ Choice Documentary Awards). На режисерското дуо му беше доделена наградата за Најдобар прв документарен филм, а на главната протагонистката во документарецот – Атиџе Муратова ѝ беше врачена наградата за Најпривлечен лик во документарец.

На Интернационалните документарни награди во Берлин, доделени им беа две престижни признанија – наградата „Pare Lorentz“ („Паре Лоренц“) и наградата за Најдобра кинематографија.

„Медена земја“ раскажува приказна за Атиџе, последната жена-одгледувач на диви пчели во Европа, која живее сама со својата мајка во Централна Македонија. Главна идеја на филмот е да се прикаже припадноста на човекот кон природата и нарушување на природната рамнотежа преку судир на два различни начина на искористување на Земјините ресурси.
„Медена земја“ е втор македонски филм со номинација за оскаровска статуетка. „Пред дождот“ (1994) на Милчо Манчевски пред 25 години беше номиниран во категоријата Најдобар филм од неанглиско говорно подрачје.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.