Предучилишното воспитание и образование во системот на воспитанието и образованието е специфичен во однос на другите подсистеми. Долги години, предучилишното воспитание и образование, не е третирано како составен дел на системот, или постоело само декларативно определено предучилишното воспитание да се стави во системот, додека во праксата е укажувано на поинаков однос на овој потсистем во однос на другите. Со реформата на школството од 1958 година, предучилишното воспитание и образование, согласно стручно-научните сознанија од развиените земји и воспитно-образовни системи, го наоѓа своето место во системот на воспитанието и образованието за што станува примарен и почетен степен на системот на воспитанието и образованието.
На напред изнесените сознанија, сфаќања, и погледи свое влијание имаат и искуствата од постоењето и делувањето на поедини предучилишни установи на тлото на Македонија, Србија, Војводина и други републики. Имено, според истражувањата на проф. д-р Кирил Ќамилов и проф. д-р Никола Петров и архивските материјали на тлото на Македонија, во 1863 година во Солун е формирана првата детска градинка од Славка Динкова, ќерка на трговец од Македонија кој ја пратил на школување во Швајцарија (Никола Петров-1978/79 Историја школства Београд бр.9)
Во прилог на изнесеното на тлото на Македонија е формирано и првото детско забавиште во Велес во 1870 година, кој како позитивно искуство е прифатено во сите региони во Македонија и пошироко во повеќе Балкански земји. Исто така, и во Суботица е одбележана 100-годишнината од формирањето и постоењето на детската градинка за што е организиран меѓународен симпозиум. Наведените примери, сами по себе потврдуваат дека предучилишното воспитание и образование има свој историјат на развој-минато, сегашност и своја иднина.
Од тие причини предучилишното воспитание мора да се третира како почетен и примарен систем во системот на воспитанието и образованието, впрочем на тоа не’ обврзуваат и стручно-научните сознанија на рускиот психолог и педагог Л. Виготски 1987 година, Жан Пијаже, стручно-научните истражувања на Александар Марјановиќ 1976 и 1980 година, основоположникот на предучилишното воспитание и предучилишната педагогија, визитинг професор на повеќе европски универзитети, проф. д-р Иван Ивиќ, проф. д-р. Никола Петров, проф. д-р Емил Каменов, проф. д-р Аријана Милак и други теоретичари и истражувачи на полето предучилишното воспитание, и други современици теоретичари и практичари.
Токму, таквиот третман значително придонесува за разликите кои постојат помеѓу предучилишното и основно училишниот систем кои прават тие да се јавуваат независно еден од другиот, институционализација на образованието низ училишниот систем, историски му претходи институционализација на предучилишното воспитание. Во таа смисла со институционализацијата на предучилишното воспитание и образование и истражувањата на повеќето теоретичари Хант, Блум, Падјаков, Елкоњин и истражувачите теоретичари на тлото на поранешна Југославија на повеќето актуелни расправи и тркалезни маси беше донесен заклучок предучилишните установи да се манифестираат во воспитно-образовни установи со стручно квалификуван кадар, исклучиво за деца со предучилишната возраст со воспоставување на отворен систем на предучилишно воспитание, наменето за сите деца од сите средини и структури и социјални категории, согласно Програмските воспитно-образовни основи, структуиран спрема хуманистичкиот приод и пристап кој е широко распространет во Европа и повеќе развиени земји и воспитно-образовни системи во светот.
Имено, преку воспитно-образовни подрачја, почнувајќи од мајчиниот јазик-Култура на говорот, Запознавање на природата и околината, Запознавање со математички престави и поими, Основи на физичкото, ликовното и музичкото воспитание, со примена на игровни-игровно насочени активности и насочени програмски активности, како и адекватни пристапни непосредни методи и постапки на работа вклучувајќи ја детската игра-играта на децата.
Училиштето се развива на база на општествените потреби, систематски внесување на децата во системот на формалните знаења, а со тоа и припрема во светот на возрасните, односно практично оспособување, а институционалниот опфат на предучилишните деца да им се овозможи практично оспособување (на возрасните-родителите) да се вклучат во општественото производство, истакнуваат напред наведените експерти.
Што преставува предучилишното воспитание?
Предучилишното воспитание не е паралелен и независен систем, туку претставува дел од единствениот систем на воспитанието и образованието, кој како и другите потсистеми имаат свои особености.
Предучилишното воспитание и образование има за цел да придонесе за целосниот развој на децата во предучилишната возраст, создавање на адекватни услови и поттик за развој на детските потенцијали.
Во таа смисла треба да се истакне дека во рамките на предучилишното воспитание и образование на децата им се овозможува ширење на искуства и здобивање знаења за себе си, другите луѓе и светот во кои живеат. Предучилишното воспитание им овозможува дополнување на семејното воспитание, во услови на трансформација на современото семејство, кое се сведува на родители и деца, посебно во делот на обавување на воспитната функција и јакнење на компетенциите на родителите. Во предучилишното воспитание се тежнее кон развојот на сите детски потенцијали, се припремаат за понатамошно воспитание и образование, а со тоа и вклучување во општеството.
Согласно изнесените сознанија видувања, аргументи и законодавна правната регулатива, треба да напоменеме дека предучилишното воспитание и образование, како почетен и примарен степен во системот на воспитание и образование со традиција, искуства и научни постулати, без аргумент е изземено од системот на воспитанието и образованието и неприродно е приспоено кон Министерството за труд и социјална политика, односно во социјалните дејности и социјалната политика, што науката не може да го прифати ваквиот чин, затоа што децата како единки-личности од предучилишната возраст, се наоѓаат во постојан биолошки, физички, физиолошки и психолошки развој, кој бараат посебен приод и третман во предучилишниот период. За таа цел одржани се повеќе тематски расправи и конференции меѓу кои „Предучилишните установи-децата во услови на транзиција и децентрлизација“ (Никола Петров 2011).
Од расправата произлезен е заклучок дека современото предучилишно воспитание, треба да го следи духот на современите тенденции, времето предизвиците и стручно-научните сознанија. Од тие причини треба да се третира како еден од најспецифичните стадиуми во развојот на детето и воспитанието и да продолжи со отворениот систем со создавање на поволни услови за социјализација, воспитание и образование во процесот на сознанието. Поконкретно, отвореноста на предучилишните установи како тенденција треба да продолжи со флексибилност на воспитно-образовните програми и почитување индивидуалноста на личноста на детето.
На крај, од ова мое пишување, ќе завршам со заклучокот на нашиот македонски професор д-р Никола Петров, доајен на македонската педагогија и пошироко, искажани на многу тематски расправи и конференции, како и во Педагошкото списание „Образовни рефлексии“ каде што е главен уредник, со исказот и пораките:
„Денешниот степен на развој на општествено-демократско-плуралната и научна мисла и сознание укажува на фактот дека предучилишното воспитание и образование е базичен фундаментален и постулатен подсистем на останатите подсистеми. На него се надоврзуваат другите степени на воспитанието и образованието, како што е во многу европски и светски земји со зголемено опфаќање во образованието, со воспитни програми кои одговараат на потребите и на возраста“.
Оваа порака и исказ на професорот д-р Никола Петров, треба да биде основа на нашето македонското образование!
(Извадок од мојата книга: „Постапките на реформските процеси на образованието во Република Македонија“, Скопје, 2012).
Автор: Ѓорѓи Илиевски, Виш просветен инспектор во пензија за НетПрес