ИСТОРИСКО ФОТО: Македонците на Сремскиот фронт имале и свој фудбалски тим кој играл натпревари

За фудбалот често се зборува како за најважната споредна работа на светот. Популарноста на овој спорт ја потврдуваат мноштво примери кои сведочат дека дури ни во најтешките временски услови и околности, фудбалската топка не престанувала да се тркала. Еден таков случај датира уште од Првата светска војна, во 1914г., кога за време на божиќното примирје англиските и германските војници стационирани на западниот фронт самоиницијативно излегле од рововите и одиграле фудбалски натпревар меѓу себе, објави на својата Фејсбук страна Музејот на Македонија.

Или, т.н. „натпревар на смртта“, одигран во август 1942г. меѓу еден украински фудбалски клуб и тим составен од германските војници во окупираниот Киев. Интересно е тоа што, во текот на Втората светска војна, во голем број земји се одигрувале редовни фудбалски натпревари и првенства. Таков е случајот и со Македонија, под бугарска окупаторска власт.

Во тие тешки времиња, освен на официјално ниво, фудбалот се играл и рекреативно, дури и на самите воени фронтови. За тоа сведочат фотографиите, преземени од нашата актуелна изложба „На Срем“, посветена на учеството на борците од Македонија на Сремскиот фронт и во завршните операции за победа над фашизмот. На нив се наоѓаат борци, фотографирани во фудбалски униформи.

фото: Музеј на Македонија

И покрај целата жестокост на борбите кои се воделе на фронтот, проследени со голем број загинати и ранети, борците наоѓале малку време и за одмор и релаксација. Ова слободно време, тие, најчесто, го користеле за меѓусебно дружење, за контакт со локалното население, а се организирале и голем број политичко-пропагандни и културно-просветни активности. Последниве, очигледно, вклучувале и одигрување на фудбалски натпревари. Така, од фотографиите, може да се заклучи дека 42-та македонска ударна дивизија, на Сремскиот фронт, имала и свој фудбалски тим кој играл натпревари. Првата фотографија е датирана од март 1945 година, во Земун, во време кога се одвивале последните подготовки за фронтот. Вторпат, фудбалскиот тим на дивизијата е фотографиран во мај 1945, во Бихаќ, Босна, во текот на завршните операции за чистење на теренот од непријателските елементи.

Ова, уште еднаш, ја потврдува моќта на фудбалот и длабоката приврзаноста на луѓето кон оваа игра, стои во објавата на Музејот.