Истрагата на СЗО за потеклото на коронавирусот е смешна, тврдат светски експерти

Светски експерти укажуваат дека наодите на СЗО, кои кинеските власти ги пренесуваат како своја победа, се беззначајни, бидејќи тие во Вухан поминале само 12 дена, и дека површно го проучиле случајот.

– Да се каже дека имаат добри безбедносни протоколи и дека затоа вирусот веројатно не побегнал од лабораторија, според мое мислење, не е одговор на нашето прашање – коментира Марк Липситч, професор по епидемиологија на Харвард.

Тој додал дека истрагата за потенцијалното потекло на вирусот во Вухан не е доволна за да ја затвори приказната и дека со тоа се согласуваат и неговите колеги.

Американската администрација верува дека истрагата не била независна и добра.

На прашањето дали смета дека кинеските власти се доволно транспарентни кога станува збор за потеклото на вирусот, портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс вели дека поротата се уште не донела одлука.

Соединетите Држави ќе почекаат на објавување на целиот извештај на СЗО, наместо да брзаат со заклучоци. Сакаме да видиме каде не водат конкретните научни податоци и на тоа ќе го засноваме својот став – изјавил Прајс.

Кинеските власти порачале дека постои реална можност дека епицентарот на пандемијата , всушност, да е во некоја друга земја. Тие препорачале истрага да се спроведе и во други држави, пред се во Америка.

Ова соопштение Нед Прајс го отфрла како апсолутна политичка глупост.

– Мислам дека ниту еден разумен човек не би тврдел дека пандемијата почнала на друго место освен во Кина – изјавил тој за новинарите.

Во здравствените кругови согласни се дека епицентарот е Кина и дека вирусот почнал од лилјаците, па по пат на посреден животински вид се проширил на човекот.

Прашањето кое се поставува е дали Кина вистински реагирала, дали почетокот на новата епидемија ја туркала под тепих и со тоа не го запрела ширењето, а една од споменуваните тези е и таа за случајно пуштање на вирусот од лабораторија.

Последната теорија веднаш ја прифатија теоретичарите на заевери, дополнително продлабочувајќи ја со тврдењата дека вирусот е дизајниран да биде кинеско биолошко оружје. Слични тврдења изнесуваше и поранешниот претседател на САД Доналд Трамп.

Сепак експертите кои ги испрати СЗО тврдат дека вирусот преминал од животни на луѓе и дека е малку веројатно дека вирусот случајно излегол од кинеските лаборатории.