Целокупната истрага што се води за трагичната сообраќајна несреќа, која што се случи во саботата и во која животот го загуби поранешниот репрезентативен голман на фудбалската репрезентација на Македонија, Петар Милошевски, е во рацете на кумановското Јавно обвинителство, пишува „Утрински“.
Во телефонски разговор со основниот јавен обвинител, Горан Пешевски, за весникот укажа дека тие „ги презеле сите потребни дејства“ кои вообичаено се преземаат во вакви случаи, но тој не сакаше да каже ништо поконкретно со објаснување дека нема практика да дава информации по телефон.
Од она што се знае со сигурност, трагичната сообраќајна несреќа се случила на клучка од патот што ги поврзува Куманово и Крива Паланка. До стравотниот судар дојде кај населбата Карпош, половина час пред полноќ. Автомобилот „пежо 508“ што го управувал Илчо Ѓорѓиески, актуелен претседател на ФФС, директно се судрил со автомобилот „УАЗ“, управуван од 62-годишниот Ж.Б., од селото Малотина.
Од силниот удар со смртни повреди се здоби директорот на македонската фудбалска репрезентација, Петар Милошески, а со тешки повреди се здобија и З.З. (34) и Р.И. (24), кои биле во службеното возило на ФФС.
Тешки повреди лекарите констатирале и кај Ж.Б. За него се говори дека е со повреди на ’рбетниот столб и дека има набиени и скршени ребра.
Сите тешко повредени, веднаш по несреќата, беа пренесени во Клиничкиот центар во Скопје, а Илчо Ѓорѓиоски по добиен лекарски третман беше пуштен на домашно лекување. Критичната ноќ, Петар Милошески и Илчо Ѓорѓиески се враќале од хуманитарен фудбалски натпревар.