
Истрагата за скандалот со фалсификуван потпис и печат на италијанската амбасада, за којшто „Нетпрес“ објави кон крајот на минатата година, сѐ уште нема конкретна завршница.
„Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, кратко информираа за НетПрес од Министерството за внатрешни работи.
За потсетување, амбасадата на Република Италија дошла до документ со кој наводно му дала овластување на лицето Александар Ивановски, да го продаде својот недвижен имот на улицата Славејко Арсов број 146 на скопско Водно, каде всушност се наоѓа резиденцијата на италијанскиот амбасадор во земјава. Во документот, кој е на меморандум од Амбасадата на Италија и има печат од амбасадата, а исто така и потпис од амбасадорот, на италијански јазик е напишано дека лицето Александар Ивановски, на седми август минатата година, наводно добил согласност од амбасадата и од амбасадорот за склучување преддоговор за продажба на недвижен имот.
Документот, наводно издаден од амбасадорот Андреа Силвестри, содржи печат на амбасадата и текст во кој стои: „Почитуван господине Ивановски, во врска со вашето барање од 6 август 2024 година… нашата амбасада дава согласност за склучување на преддоговор за продажба на недвижен имот“.
Италијанската амбасада дошла до фалсификуваниот документ и на 5-ти декември минатата година и веднаш го известила МНР. На 6-ти декември со назнака „Многу Итно“, од МНР за случајот испратиле известување до МВР, до Министерството за правда, како и до Нотарската комора. Од Министерството за правда, ова известување е проследено до Обвинителството на понатамошно постапување.