Неколку истрели се истрелани врз американската амбасада во Анкара од страна на засега неидентификувани напаѓачи од возило во движење рано утрото во понеделникот, погајќи го заштитното стакло од безбедносната кабина, но за среќа нема настрадани.
„Можеме да потврдиме дека во амбасадата на САД се случи безбедносен инцидент рано утрината. Немаме извештаи за повредени и ги истражуваме поединостите“, изјавил за дневниот весник Hürriyet, Дејвид Гајнер, портпарол на американската амбасада во Анкара.
„Благодарни сме на турската национална полиција за нивната брза реакција“, додал.
Приватната телевизија CNNTürk објави дека од возило во движење било пукано во правец на дипломатското претставништво околу 5 часот утрото и оти напаѓачите побегнале со бел автомобил откако се слушнале четири или пет истрели. Турската полиција соопшти дека започнала итна истрага за нападот и трага по сторителите.
Нападот се случува во период на крајно затегнати односи меѓу Турција и САД. Турција одби да му дозволи да ја напушти земјата на американскиот евангелски пастор Ендрју Брансон, кој е обвинет за шпионажа и тероризам, односно поврзаност со инспираторите и извршителите на неуспешниот обид за воен преврат од 15-ти јули 2016 година.
Поради тоа Вашингтон воведе санкции за двајца турски министри и ги зголеми царините на увозот на турски алуминиум и челик двојно, односно за 20 и 50 отсто, што предизвика пад на турската лира и ги влоши економските состојби во земјата. Анкара возврати со санкции, и предупреди дека САД, доколку продолжат со ваквите притисоци, ќе го загубат стратешкиот регионален сојузник во НАТО.
Напади врз американската амбасада во Анкара и врз конзулатот во Истанбул се случуваа и во минатото, а редовно нивни извршители беа радикални левичарски организации или исламистичките милитанти.