Италија бележи нов рекорд со речиси 25.000 дневни коронаинфекции

Италија во последните 24 часа потврдила 24.991 нов случај на зараза со новиот коронавирусот и го надмина рекордот од вторникот кога беа потврдеи 21.994 новозаразени во еден ден, соопшти во средата вечерта министерството за здравство, додавајќи дека најголемиот пораст на заразите е во Ломбардија.

Во последното деноноќие во Италија како последици од компликациите предизвикани од Covid-19 починале 205 лица, наспроти 221 лице ден претходно.

Досега во Италија од почетокот на епидемијата во февруари починале 37.905 луѓе, што е најмногу во Европа по Велика Британија. Севкупниот број на заразените се искачи на 589.766 лица.

Северниот регион Ломбардија, каде се наоѓа и финансиската престолнина Милано, повторно се соочува со остар раст на бројот на заразените. Во средата таму се потврдени нови 7.558 случаи.

Италијанската влада поради раширување на епидемијата оваа седмица воведе нови рестрикции во земјата и нареди порано да се затвораат угостителските локали и рестораните, фитнес салоните, кината и театрите.

Валтер Рикарди, научен советник при министерството за здравство, смета дека во Милано и Неапол би требало да биде воведен карантин, но градоначалниците на двата града побараа од владата да не ја примени оваа мерка.