Италија и Грција со нови дневни рекорди од зарaзени со коронавирусот

Италија и Грција повторно во четвртокот пријавија рекордни бројки на новозаразени со коронавирусот, додека Франција втор ден со ред има повеќе од 200.000 новозаразени, пренесуваат националните новински агенции.

Италија во четвртокот потврдила рекордни 126.888 новозаразени во однос на 98.030 ден претходно, објави министерството за здравство. Бројот на починатите од последиците на коронавирусната болест Covid-19 се зголемил на 156 во однос на 148 колку што беа пријавени во средата.

Од почетокот на епидемијата во Италија од последиците од Covid-19 починале 137.247 луѓе, што е втората највисока апсолутна бројка во Европа по Велија Британија, и деветти највисока во светот.

Рекорден број на новозаразени, трет ден со ред, во четвртокот пријави и Грција – 35.580 пациенти. Оваа бројка е трикратно поголема во однос на почетокот на седмицата. Повеќе од 60 отсто нови случаи се однесуваат на омикрон варијантата, изјави заменичката на министерот за здравство Мина Гага.

Министерството во средата најави нови рестриктивни мерки за угостителството, забрзувајќи го нивното воведување, првично најавено за почетокот на јануари. Од четвртокот вечерта, кафулињата, ноќните клубови и рестораните се затвораат во полноќ, а пред затворањето посетителите мора да седат и не смее да има музика. Исклучот е новогодишната ноќ, кога овие објекти може да бидат затворени до 2 часот наутро.

Франција, пак, во четвртокот втор ден со ред пријави повее од 200.000 нови случаи на коронаинфекции. Ден претходно ги имаше рекордните 208.099 заразени, а министерството за здравство препреди на „цунами“ на ширењето на заразите. На почетокот од декември Франција бележеше по помалку од 50.000 новозаразени на дневно ниво.