Италија и Шпанија бараат заедничко отворање на границите на ЕУ

Премиерите на Италија и Шпанија, двете земји членки на Европската унија кои беа најтешко погодени од пандемијата на Ковид-19, испратија заедничко писмо до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лејен, во кое бараат државите членки на ЕУ заеднички и координирано да ги отворат меѓусебните граници, јавија италијанските медиуми.

– Не бараме никакви отстапки, сè треба да се заснова на факти, но неопходно е да се растера идејата дека сè уште има „заразени“ земји и да се покаже дека сега е можно да се патува безбедно и во Италија и во Шпанија, напишаа Џузепе Конте и Педро Санчез.

Во писмото се потенцира дека отворањето на внатрешните граници мора да се изврши на координиран и недискриминаторски начин врз основа на јасни, заеднички и транспарентни епидемиолошки критериуми.

Комесарката за внатрешни работи на ЕУ, Јалва Џонсон по онлајн состанокот со нејзините колеги од земјите членки изјави дека границите во рамките на ЕУ ќе бидат „целосно отворени до крајот на јуни, дека многу земји ќе ги отворат своите граници уште на 15 јуни, но некои земји велат дека сè уште не се подготвени“.

Италијанскиот министер за надворешни работи Луиџи Ди Мајо за време на првата посета на Германија по пандемијата доби уверување дека Владата во Берлин ќе ги отвори своите граници кон Италија, а Швајцарија исто така потврди дека ќе ги отвори своите граници за 10 дена.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.