Италија се движи кон крах на владата и криза

Матео Салвини (л) и Џузепе Конте

Суверенистичката евроскептична и антиестаблишмент влада која е на власт во Италија изминатите 14 месеци, според сѐ судејќи во вторникот може конечно да се распадне по повеќемесечните судири меѓу двата коалициски партнера и блокадата, со што ќе се отвори пат за „непредвидлив“ исход, имајќи предвид дека крајната десница бара итни избори, додека ливиот центар дава поддршка на Движењето пет ѕвезди за избегнување на оваа опција и меѓусебно коалицирање.

Премиерот Џузепе Конте треба да има обраќање во италијанскиот Сенат во 15 часот, две седмици откако неговиот заменик Матео Салвини, челник на десната партија Лига, неочекувано најави дека сака да ја собори владата, во атмосфера кога неговата партија по мајските избори за Европскиот парламент забележа раст на рејтингот и по евентуални предвремени избори може да стане водечка партија во парламентот и коалицијата.

Конте, кој дојде на премиерската позиција како предлог на антиестаблишмент Движењето пет ѕвезди, како што се очекува, ќе ја брани својата влада и ќе му возврати на Салвини по што ќе се соочи со гласање за доверба или спонтано ќе поднесе оставка до претседателот на Републиката, Серџо Матарела.

Според оцената на аналитичарот на „Barclays Bank“, Фабио Фоис, „овој чекор официјално ќе поттикне една од најнепредвидливите кризи на владата во модерната италијанска историја“.

Првичната идеја на Салвини беше распишување предвремени избори. Како лидер на Лига, којашто подолг период континуирано води во анкетите, може да очекува победа на изборите и премиерска позиција. Во Брисел стравуваат дека предводена од Салвини, кого го сметаат за близок до омразените на Западот рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан, Италија и натаму ќе продолжи да се движи кон крајот од десниот спектар на политичката сцена.

Наспроти сите очекување, антиестаблишмент Движењето пет ѕведи (М5Ѕ) и опозициската левичарска Демократска партија (PD) одбија да расправаат за гласање за доверба на владата, па сега нивните политичари отворено зборуваат за формирање коалиција меѓу себе за да го маргинализираат Салвини. Но тоа може да значи продлабочување на губењето на поддршката од гласачите за М5Ѕ која по претходниот изборен циклус беше поединечно најсилната партија во парламентот, но загуби доста мандати на последните избори.

Огорчен од ваквите потези на политичките опоненти, Матео Салвини во неделата вечерта ги повика своите приврзаници да протестираат против опструкциите. „Мирно ќе излеземе на улиците“, предупреди на партиски собир, порачувајќи дека М5Ѕ и PD, каде што како лидер се издвојува поранешниот премиер Матео Ренци, ќе може да состават коалиција само „преку него мртов“.

Кога Конте ќе поднесе оставка на премиерската должност, се очекува претседателот Матарела да одржи консултации со челниците на политичките партии за да се види дали може да биде формирана алтернативна влада или предвремените парламентарни избори се единственото решение за актуелната криза.

Матарела во мај 2018 го принуди Конте да го врати мандатот за состав на владата, откако го одби неговиот предлог за министер за финансии, 81-годишниот Паоло Савоне кој е познат како економски експерт со евроскептични ставови. Матарела тогаш на Конте му го даде мандатот да ги пополни ресорите во владата, со што конечно би бил завршен речиси тримесечниот политички застој предизвикан од израмнетите резултати на изборите на 4-ти март 2018 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.