Италија со помала дневна смртност од коронавирусот

Италијанската Агенција за цивилна заштита објави во петокот дека во земјата во последните 24 часа се регистрирани 130 нови смртни случаи од респираторната болест Covid-19, односно 26 помалку од ден претходно, додека бројот на новозаразените од 642 во четвртокот се зголемил на 652 пациенти во петокот.

Вкупниот број заразени од почетокот на епидемијата во Италија изнесува 228.658 лица, со што земјата е шеста во светот по САД, Русија, Шпанија, Велика Британија и Бразил. Во моментов во земјата има 59.322 болни, додека ден претходно овој број изнесуваше 60.960 пациенти.

Во петокот има 595 пациенти на одделите за интензивна нега, додека во четвртокот ги имаше 640. Од заразените закрепнати се 136.720 наспроти 134.560 пациенти ден претходно.

Вкупниот број на смртни исходи од избувнувањето на епидемијата во Италија на 21-ви февруари изнесува 32.616 луѓе, соопшти агенцијата, со што земјата е трета во светот по САД и Велика Британија.

Статистичарите, меѓутоа, веруваат дека Италија како и многу други земји била погодена од значително поголема смртност од новиот коронавирус отколку што тоа го покажуваат официјалните податоци, бидејќи многумина починале во домашни услови или старски домови а не биле тестирани на вирусот.

Студијата којашто претходно седмицава ја изработило италијанското биро за социјална грижа INPS, покажа дека во периодот меѓу 1-ви март и 30-ти април забележани се речиси 47.000 смртни случаи повеќе отколку во истиот период меѓу 2015 и 2019 година. Од таа бројка околу 28.000 смртни случаи се сметаат како последица од Covid-19, што значи дека остануваат неразјаснети односно без причинител 19.000 смртни случаи. Од INPS наведуваат дека е „разумно да се претпостави дека голем дел од овие дополнителни смртни случаи се последица на коронавирусот“.