Италија заплени 4,3 тони кокаин од Колумбија, тежок удар врз колумбискиот картел

Италијанската полиција заплени 4,3 тони кокаин, чија пазарна вредност е околу 240 милиони евра, со што му нанесе тежок удар на колумбискиот заливски клан, соопштија денеска истражителите.
Полицијата соопшти дека една од најголемите заплени во Европа била кулминација на меѓународната истрага што резултирала со налог за апсење на 38 лица во шест земји: Италија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Холандија и Колумбија, пренесува Ројтерс.

Истрагата траела повеќе од една година и ги опфатила колумбиското правосудство и државната безбедност на САД, а освен кокаин полицијата запленила и 1,85 милиони евра во кеш.
Колумбиските власти во ноември минатата година соопштија дека се фокусирани на разбивање на заливскиот клан, чија криминална мрежа се протега во 28 земји низ светот, по апсењето на водачот на групата Даира, Антонио Усуга, познат како „Отониел“, во октомври.

– Уште еден тежок удар за најважната група меѓу колумбиските нарко банди – изјавија за оваа заплена италијански истражители од Трст.

Тие рекоа дека во нивната работа е откриена „густа мрежа“ на врски меѓу јужноамериканските производители на кокаин и европските купувачи, вклучително и организираните криминални групи кои дејствуваат низ Италија, заедно сои Ндрангета од регионот Калабрија.

Полицијата, наводно, следела 19 последователни пратки на дрога од мај минатата година, што им овозможило да идентификуваат „важни посредници“ во глобалниот систем за наркотици и „значителен број“ превозници, објави Ројтерс, истакнувајќи дека повеќе детали треба да бидат објавени на прес-конференција подоцна денес.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.